Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека во рамките на своите надлежности е целосно подготвен да ги преземе сите неопходни мерки за да се спречи ширењето на вирусот Ковид 19.
„Во таа насока, уште пред една недела се преземени превентивни мерки за заштита на здравјето на средношколците и спречување на ширењето на коронавирусот во средните училишта“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.
„Во 23 средни училишта во Скопје учат околу 21.600 ученици и заштитата на нивното здравје претставува сериозна обврска и одговорност за нас како надлежна институција и за директорите кои раководат со училиштата. Согласно со задолженијата добиени од Владата на Република Северна Македонија сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија ќе ги откажат или одложат на неопределено време. До крајот на оваа недела ќе биде одржан и едукативен час за превенција од вирусот согласно со препораките на Светската здравствена организација и Владата“, најави градоначалникот.
Шилегов нагласи дека денеска до директорите на средните училишта е издадена наредба раководните органи во училиштата внимателно да ги следат и целосно да се придржуваат на препораките за превенција и справување со корона вирусот кои ги даваат надлежните институции.
„Училишните раководства веднаш да ги откажат и одложат патувањата и училишните екскурзии во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот. За сите преостанати патувања и екскурзии да прават дополнителни безбедносни проценки. Училишните раководства веднаш да почнат со организација и реализација на едукативни часови, работилници и дистрибуција на материјали за соодветно информирање, превенција и справување со корона вирусот. Во оваа насока укажуваме дека Градот Скопје ќе ја обезбеди потребната логистичка поддршка и координација со релевантните здравствени институции. Училишните раководства се задолжуваат да ги стават на користење средствата што ги обезбеди Градот, да одржуваат највисоко ниво на хигиена, применувајќи ги сите санитарни-хигиенски средства и активности кои им се на располагање“, истакна Шилегов.
Според градоначалникот, Градот Скопје има обезбедено доволни количини на антибактериски сапуни за училиштата.
Шилегов посочи дека во јавноста периодов се шират разни неточни гласини во врска со овој вирус.
„Во изминатиот период апелирам да не се крева паника, апелирам на трезвено однесување и на институциите и на граѓаните. Нема простор за паника. Градот Скопје како основач и надлежна институција за средните училишта, непрекинато и одблизу ја следи состојбата во училиштата и ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на здравјето на сите членови на училишните заедници“,додаде Шилегов.