Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, присуствуваше на свеченото затворање и завршната вежба на меѓународниот „Летен кампус 2018“, што во изминатите десет дена се одржуваше на армискиот полигон „Криволак“, а на кој учествуваа претставници на 11 држави од регионот и пошироко.
Поздравувајќи ги учесниците, Шекеринска пред новинарите изјави дека Македонија не ја чекала поканата за НАТО, туку дека работела напорно за да ја заслужи.
„Македонија работеше и работи да ги исполни сите критериуми и стандарди. Воената академија и Министерството за одбрана прават се за да обучат модерна армија која ќе биде членка на НАТО Алијансата“, рече министерката и додаде дека заедничките активности на државите од регионот и пошироко, како што е Летниот кампус, покажуваат дека соработката е возможна и корисна.
Шекеринска ја најави претстојната вежба што во текот на месецов ќе се одржи на полигонот „Криволак“ меѓу македонските и американските специјални сили и рече дека членството во НАТО е можност за Македонија да се претстави не како земја што бара, туку како земја што ги нуди своите капацитети.
„Очекуваме во текот на летово да имаме дополнителни американски војници кои што се присутни во регионот, да вежбаат заедно со македонските војници и очекуваме дека со членството во НАТО, потенцијалот на Криволак ќе се зголеми. Тоа ќе биде добро за имиџот на Македонија, како и за домашната и локалната економија“, рече министерката.
Меѓународниот проект „Летен кампус 2018“ имаше за цел да ги запознае младите питомци и идни мировници со можните предизвици во постконфликтините операции. Наставата се одвиваше во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“ со учество на повеќе од 120 учесници од 11 држави, питомци од Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Романија, САД, Косово, Хрватска, Црна Гора и Република Македонија како домаќин.