Заменичката на премиерот и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во Владата се сретна со потпретседателот на Националниот комитет на кинескиот политички и консултативен совет на 13-тиот Национален конгрес, Џанг Чингли, со кого ги потенцираше одличните релации меѓу двете земји и народи базирани на меѓусебна доверба и почитување.
Шекеринска ја поздрави соработката што Македонија и Кина ја остваруваат на полето на економијата, културата, образованието, а беше поздравена и Иницијативата 16+1, која ја оцени како позитивен пример за улогата што големата земја и економија може да ја има во контекст на зајакната регионална соработка. Таа посебно ја поздрави и се заблагодари и за соработката во доменот на одбраната.
Шекеринска упати благодарност за поддршката на амбасадата на НР Кина и добрата соработка со амбасадорката и военото аташе.
Чангли ги поздрави, како што рече, динамиката на развојот и позитивните промени во македонското општество и подготвеноста на Владата да го подобри животот на граѓаните во земјата. Информираше за мерките кои НР Кина ги презема за борба против сиромаштијата и успехот што е постигнат на ова поле како и за чекорите кои се преземаат во контекст на постигнување на брз раст на економијата.
Тој се заложи за зајакнување на соработката во сите области, особено на полето на економијата, културата и туризмот и се заблагодари за развојот на соработката меѓу двете земји во одбраната. Ја поздрави Иницијативата 16+1 и резултатите од последниот состанок во Софија, каде премиерот Зоран Заев имаше средба со премиерот на НР Кина Кечијанг, на која беше потврдена подготвеноста на двете земји за отворање на перспективите за продлабочување на економската соработка.