Сега во овие медиуми не се презентираат информации, се презентираат извртени информации, спинови, извртувања, подметнувања, црна кампања и граѓаните тоа ќе имаат можност да го слушаат и врз основа на тие, под наводници информации, ќе донесат одлука и тоа е целта на владејачката гарнитура, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Преговорите за медиумите како да заглавија во ќор-сокак. Може ли набрзо да очекуваме квалитетно решение?
Прво, ние не знаеме дали воопшто преговорите за медиумите ќе продолжат. Јас, да бидам искрен, очекував ваков однос од власта, затоа што мислам дека на нив медиумите им се поважен инструмент во одржувањето на власта, отколку да речеме обвинителот или откажувањето од неколку министерски места, затоа што системот на владеење на оваа владејачка гарнитура е таков што без медиуми тие не би можеле да ја продадат приказната во којашто ја убедуваат македонската јавност. Прво, сакам да кажам што се случува во преговорите.
Мислам дека преговорите се блокирани по вина на владејачките партии. Чудно е што ДУИ на почеток ги поддржуваше предлозите на господинот Ван Хојте, а во меѓувреме се откажаа и сега застануваат на страна на ВМРО-ДПМНЕ, коишто практично предлагаат ништо да не се смени. Веројатно тоа се односи меѓу коалиционите партнери и ние можеме само да претпоставуваме што стои зад премислувањето на ДУИ да се откаже од поддршката на ставовите на Ван Хојте.
Веројатно се работи за притисоци, закани, уцени, само тие знаат, меѓутоа битно е што сега во преговорите имаме таква позиција што опозицијата ги поддржува ставовите на господинот Ван Хојте, додека власта силно се спротивставува.
Дали може да очекуваме квалитетно решение? Јас мислам дека меѓународната заедница, како еден од гаранторите, треба прво да најде начин да ги деблокира тие процеси и веројатно ќе биде потребен поголем притисок и од американската администрација и од Европската комисија да ги натера практично владејачките партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да се откажат од тие позиции.
Навистина, тие решенија коишто се понудени ги инкорпорираат барањата на новинарската заедница, медиумската заедница и на медиумите. Значи, неговите предлози не се негови предлози, тоа е компилација од предлозите од сите чинители во општеството и мислам дека ако тие предлози бидат прифатени, ние целосно ќе одговориме на забелешките на последниот извештај од Европската комисија.