Полицијата треба да научи дека новинарите на протести не им се непријатели туку се исто така професионалци на службена должност кои треба да се заштитат ако бидат нападнати од протестантите. Таа заштита ја заслужуваат согласно домашното и меѓународното право, рече претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, на денешната работилница за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик.
„Сигурноста на новинарите е врвен приоритет, едногласни сме со нашите партнери дека насилството врз медиумските работници е неприфатлива практика за една демократска земја“, вели Селмани.
Според претседателот на ЗНМ, целта на заедничките обуки за безбедноста на новинарите за настани од висок ризик организирани од ОБСЕ, МВР и ЗНМ е изградба на институционални механизми за создавање безбеден амбиент за работа на новинарите.
„Обуките имаат за цел да ги запознаат припадниците на полицијата за важната улога на новинарите за информирање на граѓаните за настани од висок ризик како што се протестите.Подоброто информирање ќе помогне да се избегнат инциденти какви што имаше случаи во минатото кога новинари настрадаа од протестанти, а притоа не им беше понудена помош од страна на полицијата која патем од непознати причини и напаѓаше новинари“, вели Селмани.
На денешната работилница за безбедноста на новинарите беше заклучено дека информирање на граѓаните и барање отчетност од секоја власт нема да се исполни доколку новинарите работат под страв и несигурност.
„Силно веруваме дека како важен елемент во фунцкионирањето на демократските процеси имаат право да работат во амбиент без закани и притисоци. Убедени сме дека состојбата со слободата на медиумите во Македонија значајно ќе се подобри ако заеднички успееме да ставиме крај на политиката на неказнивост на напади врз новинари“, рече Селмани.
Виктор Јованов