„Во 9-та година од владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, Центрите за социјална работа во Македонија се во катастрофална состојба. Објектите се непристапни за лицата на кои им се најпотребни, го рушат нивното достоинство, приватност и не обезбедуваат основни услови за работа на вработените.
Ваквата лоша состојба на Центрите за социјална работа секојдневно им создава проблеми на граѓаните, корисници на услугите за социјална заштита.
Најголем е проблемот со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје, чии простории се наоѓаат на само 20 метри од Министерството за труд и социјална политика“, изјави на денешната прес-конференција Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.
„Канцелариите во овој Центар се мали и во секоја од нив има од 4 до 7 вработени.
На овој начин се кршат правата на граѓаните за тајност и доверливост. Дополнително, нема ниту можност за индивидуална работа со граѓаните. Нема можност за укажување на потребната помош во советување, разговор, психо-социјална помош, превенција.
Како ли само се чувствуваат децата кои што доаѓаат во оваа установа? Во случаи кога се работи со деца жртви на злоупотреба, немање посебна просторија, скрин стакло, помошни уреди за аудио запис, се првата пречка што понатаму води до дополнителен стрес и чувство на жртва кај овие дечиња.
Просториите на оваа јавна установа се во зграда на 4 спрата во којашто нема лифт. Како инвалидизираните лица, старите и лицата со проблеми во движењето ќе можат да ги остварат своите права?
Дали министерот за труд и социјална политика воопшто се запрашал како се чувствуваат граѓаните кои доаѓаат во оваа установа за помош, во која го губат основното човечко достоинство?
Никола Груевски и Диме Спасов имаат должност да им објаснат на граѓаните како на само 200 метри од овој објект се трошат 18 милиони евра за Панорамско тркало? Зошто нема пари за објект што на граѓаните ќе им овозможи достоинствено остварување на своите права од социјалната заштита?
Условите во коишто сега работат центрите за социјална заштита се спротивни на она што го предвидуваат законските решенија за нивно функционирање!
За жал, лошата состојба не се однесува само на Меѓуопштинскиот центар во Скопје. Иста, дури и полоша е ситуацијата во центрите за социјална работа во цела Македонија.
Низ Македонија се случува одредени ЦСР да немаат дури ни комплетен стручен тим за работа.
Сите овие примери говорат за односот на власта кон граѓаните корисници на социјална заштита и кон вработените во центрите.
СДСМ бара негрижата на власта да престане.
Бараме, наместо во панорамски тркала и жални врби во Вардар, да се инвестира во социјалната заштита, во интерес на граѓаните“, рече Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.