„Набрзо Груевски, на еден друг начин и не од оваа зграда позади, ќе мора да даде отчет за сите над 3 000 дена во коишто е премиер на РМ. Тоа ќе биде вистинскиот отчет во којшто Груевски ќе мора да проговори како секојдневно ја разоруваше македонската економија и држава, како го осоромашуваше народот, а ја богатеше својата роднинско – партиска криминална олигархија.
Сите негови фалби искажани вчера се веродостојни исто колку и веста за посетата на вонземјаните во Македонија. Иако ова второто е поверојатно“, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
„Еве што е реално.
Македонија бележи најголеми стапки на раст во Европа, но само во халуцинациите на Груевски. Вистината е дека просечната стапка на раст е помала од 2 процента. Потврдено од Државниот завод за статистика.
Со ваква стапка на раст, невработеноста единствено може да се намалува ако луѓето се иселуваат, се бришат како бројки, се убиваат или самоубиваат, за жал. Тоа се последиците од 9 годишното функционирање на хибридниот режим на Груевски.
И покрај сите иселувања, намалувањето на просечниот животен век, загинувањата по сообраќајниците низ Македонија веќе 9 години, граѓаните кои останаа во државава работат за најниски плати во Европа. Пониски и од БИХ, Косово и Србија кои цела декада војуваа.
Секако најголем апсурд во тврдењата на Груевски се странските директни инвестиции, како онаа на Субрата Рој, што може да ги види и како бенефит да ги почувствува само Груевски и неговата олигархија. Набргу како и многу други работи, на виделина ќе излезат сите договори со странските инвеститори, кои денес се најчувана тајна.
Тогаш ќе се покаже дека со парите на граѓаните, Македонија всушност инвестира во странските инвеститори, а не дека тие инвестираат во Македонија.
Дали во голем дел од нив не се крие огромна корупција од страна на владините функционери?!
Македонија има најниско ниво на странски инвестиции, а во нив платите се помали и од оние во афричките земји, Пакистан или Бангладеш.
После 9 години неизграден ниту еден километар автопат и руинирање на постоечките, Груевски зборува за изградба на три автопати.
Под негово владеење Македонија стана слепо црево. Поради Груевски коридорот 10 веќе не постои на европските мапи.
Знаеме дека тоа не го загрижува.
На Груевски и на фамилијата им е единствено важно да не се расчисти случајот “кеш за Актор“ и шемата за извлекување пари кон нивните оф шор конта слободно да продолжи.
И конечно, мораме да му признаеме на Груевски дека е шампион во нешто.
Тој заедно со својот кум Ставрески ја задолжи оваа држава за рекордни 4,2 милијарди евра.
И под претпоставка дека во Македонија живеат 2 милиона граѓани, а не се толку, со нивната расипничка и коруптивна политика, секое новороденче во Македонија доѓа на овој свет со долг од 2.100 евра.
Или за појасно, сите оние кои имаат среќа да се вработени во оваа земја, со својата бедна просечна плата од околу 300 евра, траба да работат 17 месеци, и притоа ништо да не трошат за себе и за своите семејства за да го вратат долгот што им го натоварија со своите потписи Груевски и неговите најблиски соработници.
Да беше се во државата како што тврди Груевски, немаше 450 илјади луѓе да си заминат од Македонија.
Ред е Груевски самиот да се праша, во кој свет живее“, рече Шилегов.