„Изминатиов викенд во работна посета на Гевгелија и Гевгелиско беше премиерот во заминување г-динот Груевски. Видно уплашен за својата фотелја, блед во лицето од разоткриениот криминал, дојде да ни продава популизам, нашки кажано ветар и магла. Дојде да пресече лента во новиот текстилен погон во Миравци, заборавајќи дека такви погони пред десетина години во гевгелиско се отвараа годишно по десет.
Дојде ама како да не дојде! Или општинските челници на ДПМНЕ заборавиле да му кажат што се им има ветено на гевгеличани, па човекот ја погреши маршутата“, рече на прес конференцијата Сашо Поцков, ОО СДСМ Гевгелија.
„Најпрво требаше да го однесат во индустриската зона Прдејци, каде пред некоја година сечеше лента и ветуваше нови инвестиции, вработувања. Но и нему му е јасно дека тоа беше во предизборието, и дека денес освен напуштено земјиште од тоа не бидува ништо.
Потоа требаше да го продолжат патот до новите ископи за бунари на реката Вардар кои требаше на Гевгеличани да им обезбедат чиста вода за пиење. И таму лани сечеше ленти државниот секретар Лепиткова но и тоа беше во предизборието. Проблемот со здрава вода за пиење и денес е присутен во Гевгелија.
Пред да пристигне во Гевгелија за очекување беше општинските челници од ДПМНЕ да го однесат нивниот месија до СКИ центарот Кожув. Малку да олади, лето е, жешко е а човекот работи 24/7.
Да го провозат по патот до СКИ Кожув за да види каде се потрошени 18 милјиони евра народни пари.За пат кој не е во функција, кој никој не го одржува и згора на се, не е пуштен во употреба .А време беше кога е веќе во Гевгелија, лично тој да го пушти во употреба и да пресече лента.Но тоа не е во неговата агенда, од промашени инвестиции бега, Никола е безгрешен.
И кога веќе пристигна во Гевгелија, премиерот пропушти шанса да се сретне со земјоделците, со младите со невработените.Да ги собереше во народниот театар и да им кажеше лично од негова уста што се направила за нив владата на ДПМНЕ за да им го подобри животот Таа иста влада која е меѓу трите најдобри економии во Европа.А не требаше многу. На земјоделците доволно ќе им беше да им каже дека им се исплаќаат субвенции редовно поготово пред избори, но можеби ќе чуеше од нив дека денес живеат полошо од кога и да е, дека нивниот труд е подценет и дека вака повеќе не оди.
Со младите гевгеличани ќе дебатираше зошто бегаат по бродови и мориња, кога тука имаат идеални можности за вработување, напредок во кариера, и згора на се и морето е блиско на 50 километри одовде.
На невработените ќе им требаше да им објасни како владата ја намали стапката на невработеноста, без разлика на партиската книшка поготово во јавната администрација. Па нели знаењето е сила, знаењето е моќ.
На крај се испостави дека премиерот во заминување дојде во Гевгелија за да ја разреши кадровската комбинаторика за прв човек на Општинскиот комитет на ДПМНЕ, се разбира со државни пари за партиски потреби. Така како што му приличи на ДПМНЕ кои цели девет години на ист начин ја практицира власта.
Да се надеваме дека ова му беше последната посета на г-дин Груевски на Гевгелиско во својство на премиер“, изјави Поцков.