„Пред само три дена на Клиниката за детски болести почина две годишно детенце. Прегладнето, премрзнато, попуштило неговото детско срце во рацете на лекарите кои не успеаја да го спасат.
Во 21-от век, во Македонија почнаа да ни умираат деца. Од глад!
Децата станаа жртви на системот кој има обврска да се грижи за нив, да ги штити и да превенира секаква злоупотреба“, изјави на денешната прес-конференција Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.
„Ова зборува дека социјалните служби кои имаат обврска да превенираат вакви случаи воопшто не се на терен и не ја следат состојбата во семејствата. Наместо да се вложува во овие институции според податоци од заводот за статистика бројот на административни работници во центрите за социјална работа е за 30% поголем од бројот на социјални работници кој од година во година се намалува.
Дека алармот за детската сиромаштија во Македонија треба да се вклучи зборува и Годишниот извештај на Првата детска амбасада Меѓаши. На нивниот СОС телефон децата, најмногу пријавувале сиромаштија во нивните семејства! 55 деца побарале материјална или финансиска помош.
Ова говори дека загрозената семејна егзистенција, сиромаштијата, болно, потресително, допрела до невината, кревка детска душа.
Додека деца на СОС телефон очајно бараат парче леб, додека по улиците мрзнат деца, возрасни и стари, додека Црната хроника во весниците се полни со шокантни вести за починати деца од глад, како Македонија да е Африка – оваа власт потроши половина милион евра на кампања за здрава храна.
И светот знае за сиромаштијата во Македонија, само власта на Груевски, суетна, сита и згрижена во удобните фотељи, не сака да го види и да ги слушне своите граѓани.
Македонија е 3-та во Европа по сиромаштија, според Евростат и 11-та меѓу 90 земји во светот по длабочина на сиромаштијата според вашингтонскиот институт Кејто.
Според последниот Извештај на Светска банка, дури 180.000 луѓе во Македонија живеат со помалку од 40 денари на ден.
Најсиромашни, според Државниот завод за статистика се семејствата со три или повеќе деца. Во 2012 процентот изнесува 53,9 отсто. Спредено со 2010, стапката се зголемила за 10 проценти. Ова оди сосема спротивно од Владините политики за зголемување на наталитетот и отвора сомнежи дали можеби со тие политики власта на Груевски свесно ја зголемува сиромаштијата во Македонија.
Тоа се 100-те чекори на Груевски кој со катастрофалните политики ја осиромаши Македонија, ги клекна луѓето на колена, а сега ни влезе во домовите и ни чепна по најмилото – децата!
Ова мора да престане. Системот за социјална заштита мора да претрпи драстични промени. Тој систем треба да се грижи за граѓаните и да биде потпора во нивните најтешките периоди во животот.
СДСМ предлага формирање на посебен Комитет во Министерството за труд и социјална политика што ќе одговара за детската благосостојба. Дополнително, да се воведе семеен социјален работник кој ќе биде постојано на терен и ќе работи со семејствата, за надминување на сиромаштијата и ќе превенира можна злоупотреба или запоставување деца“, рече Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.