Учениците продолжуваат со бојкотот на наставата во повеќе скопски средни училишта.. Во Тетово заврши протестот на економското средно училиште „8-ми септември“.
Синоќа беа свикани вонредни родителски средби со цел да запре бојкотот. Но, поголем дел од од родителите го поддржале барањето на Пленумот со потпишување петиција за итна средба со министерот Адеми. Во дел од гиманазиите учениците се зад затворени врати во холовите, а дел се надвор. Училиштата се заклучени. Учениците информираат дека вчера им било изгаснато светлото во холот каде седеле за време на бојкотот на наставата.
За А1 он, родител, кој сака да остане анонимен, раскажува што се случувало на родителските средби каде и родителите биле заплашувани со парични казни и тврди дека Државниот испитен центар вчера ги информирал учениците за измените за избор на предметите за матура, а рокот за пријавување е вчера и денеска.
– Вчера бевме на родителска во СГУ „Орце Николов“ на која, претставници од класот (деца) и професорката, не’ информираа зошто ја бојкотираат наставата, и нивното излагање беше дека не се сложуваат со наметнување на математиката како морален предмет за матура, и полагање на секој предмет по два пати, еднаш писмено и еднаш електронски, така да нив ќе им се фати за матура да полагаат 7 пати плус секој од нив мора да направи и презентира, а со тоа и да положи проектна задача по предмет по избор. Цела оваа измена ја донесоа во првото полугодие, а во Службен весник е излезено на 09.02.2015. Исто така, имаат барање за укинување на екстерното, бидејќи тоа ја изгуби својата смисла, односно тоа требаше да биде проект во кој што ќе се види дали и колку децата ја совладале наставната програма и дали таа соодветствува на нив, а не да се пишуваат оцени кои влегуваат во просекот и да служи како мерка за заплашување и притисок.
Не’ информираа дека во текот на вчерашниот ден во училиштето имало инспекција која по мое видување се обидувала врз децата да изврши заплашувачки притисок и им велела дека часовите од овие два дена ќе им бидат заведени како неоправдани, а знаеме дека со 7 се добива укор, а понатаму е се’ поригорозно, дека може да им се продолжи училишната година, а тие се матуранти, а и дека ќе им се пролонгира рокот за полагање на матура. Сите овие излагања и закани внесуваат немир и конфузуја кај децата, а и кај нас родителите.
Исто така во текот на вчерашниот ден добиле допис од Државен испитен центар со кој ги информираат за измените за избор на предметите за матура, а рокот за пријавување е вчера и денес што е апсурдно, незаконски и многу деградирачки кон децата и нивната личност. Ме радува тоа што ние родителите (освен двајца) бевме на страната на децата и ја имаат нашата поддршка, бидејки ова се сулуди состојби на реформирање на образованието и најголемата жртва ја понесуваат нашите деца, а исто така и ни изложија дека имаат поддршка од целиот наставен и раководен тим (освен со мали исклучоци) од училиштето.
Молам да се има слух за барањата на децата кои се издржани и образложени и за нивна правна, институционална и едукативна поддршка, бидејки се плашам дека ке се дрзнат се’ повеќе да ги заплашуваат и притискаат за да се откажат, а со тоа да си ги протнат на мала врата сите нивни небулозни реформи, кои воопшто не се во интерес на децата и општеството, вели родител на средношколец за А1 он.
А.Б.