(ВИДЕО) Револтирани родители упаднаа во училиштето „11 Октомври“

Од:

Реа се шири во училниците на основното училиште „11 Октомври“, а се претпоставува дека децата се затруени од водата или воздухот. Револтирани родители денеска упаднаа во училиштето да побараат објаснување и одговори од директорката.

-Минатата година децата немаа храна два месеци, сега проблемот се повторува. Ветивте дека ќе го решите прашањето со водата и училниците. Зошто се уште чекаме на вас? Училиштето оваа година прославува годишнина, со што има да се гордее? – и довикуваа родителите на директорката, Даниела Костадинова.

Двајца министри и еден градоначалник денес се обидуваа да утврдат која е причината што симптоми на труење добија над дваесет ученици, додека родителите тврдеа дека не се политички определени. Министрите и градоначалникот имаа прилика да се уверат во какви услови учат децата. Во училниците се шири неподнослива реа од кај чешмите, задушливо е и премногу топло затоа што не се вградени клима уреди.

Се додека не се утврди точната причина, се претпоставува дека децата заболеле од вирус. Институциите допрва ќе утврдуваат дали вирусот потекнува од водата или од воздухот. Родителите се жалат дека веќе трета година нема вода во училниците и дека децата мораат да пијат вода и да се мијат во тоалетите. До вчера на дел од тоалетите немало ни врати и на поминување можело да се види кој е внатре.

-Моето дете цела ден повраќаше вчера. Останавме будни со него цела ноќ. На лекар ни рекоа дека проблемот е најверојатно вирус. Со ова училиште секоја година имаме проблем – вели мајка на осум-годишно дете, едно од затруените.

Родителите се жалат дека училиштето не обезбедило ни ужинка откако е почната учебната година. Оброците си ги носат од дома и ги чуваат во премногу топла училница која неподносливо мириса.

Училиштето прво го посети министерот за здравство, Никола Тодоров, кој им покажуваше на родителите какви апарати се поставени за да се испита воздухот. Пред нив тој телефонираше до Институтот за јавно здравје за да праша до каде е испитувањето на мострите од водата. Тодоров ги информираше родителите дека водата ќе биде забранета за пиење се додека не се утврди причината.

-Ставате забрана за водата откако децата се затруја. Трета година нема вода во училниците и се одложува реконструкцијата на водоводниот систем. Имаше подолго време информации за труење. Зошто не преземавте ништо? Некој треба да одговара сега – се жалеа родителите.
Тодоров заклучи дека „има нешто во воздухот“ во училницата каде децата јадат и ги увери родителите дека резултатите од водата ќе бидат готови за 48 саати.

По министерот, училиштето го посети градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски кој им рече на родителите дека ќе биде свикана вонредна седница на советот на која директорката ќе мора да одговори на прашањата на родителите.

-Сакам родителите да знаат со чиј потпис е назначена директорката. Хаосот настанат со канализацијата е врв на се што се случува овие денови – им рече Жерновски на родителите.
Инаку директорката на училиштето, спротивно на ставот на општината, е поставена директно од министерот за образование и за истиот случај е поднесена кривична пријава за претседателот на училишниот одбор за незаконскиот избор.

-Не е Општината тој што го назначува и менува директорот. Училиштето е под надлежност на Општината, но тоа што се случува во училиштето е под надлежност на директорката – рече Жерновски.

Додека разговараше со родителите, во училиштето пристигна и заменик министерот за образование, Спиро Ристовски кој ги повика родителите да продолжат со разговорот во една од училниците.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Општина Центар пропаѓа, Герасимовски и Филипче позираат пред евтини шминка мурали на запуштени згради

Во Центар изгореа четири возила

Герасимовски: Во центар сигурно победуваме

Починат маж е пронајден во стан во Скопје, истрагата е во тек

Утре во „Матично“ трибина на Либералниот Институт за законски измени за заштита и посигурна иднина на животните

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство