Експратеничката Фросина Ременски која беше разрешена од партиските функции во СДСМ поради предметот „Меѓународен сојуз“ кој тогаш беше во истрага, кажа дека е задоволна од ослободителната пресуда. Таа побара разбирање од јавноста, на сите прашања да одговара во наредниот период. За процесот кој се водеше против нејзе кажа дека е измачувачки.
„Повеќе од две години и писхички и физички и емоционално поминувам низ овој процес. Барам разбирање денеска, да ја добијам пресудата, да ги прочитам наводите и да дадам повеќе образложение за било какво прашање денеска. Сметам дека за случајот премногу зборував, за целовкупното постапување за случајот и мислам дека денеска укажувањето на судот во однос на функционерите и политичарите – е нешто на што сериозно треба да се размисли. Сакам да имате разбирање за денешната моја состојба. Секако, да си ги средам и јас емоциите од овој долг и измачувачки процес за мене, па да стојам на располагање за сите прашања и одговори кои ги имате“, рече Ременски.
Четири казни за физички и една за правно лице, изрече судијката Софче Гаврилова-Ефремова заедно со судечкиот совет во случајот „Меѓународен сојуз“. На претседателот на невладината организација Бојан Јовановски-Боки 13 му изрече девет години, заменик-претседателката Јасна Мандиќ доби четири години, таткото на Боки 13, Миле Јовановски доби условна казна, експратеничката Фросина Ременски е ослободена од обвиение. Асистентката на Боки 13 – Кристина Блажевска и е изречена казна од една година. „Меѓународен сојуз“ треба да плати еден милион денари.