Иако сме тука да го боиме овој како ли се вика, ние не го признаваме за претседател. И Албанци и Македонци и Турци и Власи, целиот народ тука сме дојдени како граѓани, што во стручна литература значи суверени, рече пред демонстрантите од Шарената револуција Рамадан Рамадани, кој додаде дека со самиот суверенитет, граѓаните се сопственици на објектите.
– Ова е наша куќа, ние немаме ништо негово, тој има нешто наше, тој спие во нелегитимно. Тоа е криминалот кој се случил со нелегитимните избори, со нелегитимен парламент и се нелегитимно што носат, почнувајќи од некои називи кои ги носат, кои знаат некогаш да ги претставуваат. Јас тука видов луѓе кои ги знам и кои не ги знам, кои се доктори на науки, но тие оставиле свои деца на лошо, ноќи непроспиени за да бидат тоа што се, да научат тоа што научиле, значи не поправале транзистори за да станат доктори, рече Рамадани пред резиденцијата на Иванов.
Тој кажа дека зборот помилување не го користат, бидејќи тој се користи за свои, за чесни луѓе.
– Ние не викаме помилување, туку викаме еден странски збор затоа што е толку страна оваа работа што ја направија овие арамбаши, овие ајдуци, со тоа што сакаат на сред бел ден да покриваат криминал како што покриваа убиство, како што покриваа монтирани случаи, како што сакаа да покријат неправда и сега се им дојде тука, рече Рамадани.
Тој кажа дека шарените револуционери се неуморни и дека барањето за правдата ќе продолжи и дење и ноќе, и на дожд и на ветер се додека не го добијат правото.
– Немаме друго право, немаме друга земја, ова е нашата земја и за неа се бориме за слобода и правда, рече Рамадани.