Учениците од СУГС „Орце Николов“, денеска пред училиштето мирно протестираа против новите правила за полагање матурски испит кои предвидуваат задолжително полагање математика.
Држеа листови на кои пишува: „Преку матурава ми е“. Тие го искажаа својот револт и против лажните плакати, според кои средношколци зеле 10 илјади денари за да организираат протест.
– Ние се собравмме овде за да го искажеме ставот дека сме против новиот концепт на матура, Да си го искажеме својот револт за тоа што сега се случува. Ние во “Орце“ сите сме едно и го го покажуваме нашиот револт. Ова не е протест, ова не е бојкот на настава, ние сакаме да си кажеме то мислиме. Ние не сме само против математика, ние сме против новиот концепт на матура. Како реформа е избрзана бидејќи ние како средношколци не можеме да ја постигнеме имплементацијата. И за електронското тестирање, каде 7 пати не’ тераат да полагаме и за математиката за чие полагање треба долго време за подготовки, а ова брзо донесување значи дека нема да имаме време за подготовка, вели ученик од “Орце Николов“.
Матурантите се жалат дека новите измени за полагање матурски испит се дополнителен стрес.
Учениците беа револтирани и заради плакатите кои пред неколку дена се најдоа низ училиштата со имиња на средношколци за кои лажно се тврдеше дека зеле 10 илјкади денари за да организираат протести.
Средношколци и родители во скопската полиција го пријавиле случајот со лажните плакати во кои се клеветат членови на Средношколскиот пленум и во кои е злоупотребено логото на Пленумот.
Средношколскиот пленум најостро ги осудува, како што вели, најниските начини да се девалвира работата и активностите на поединци во Пленумот.
„Негативната кампања нема да ја сокрие вистинската слика за образованието во Македонија, таа само ја потврдува платформата на Пленумот која гласно говори за лошите реформи во образованието. Оваа оркестрирана акција врз членови на Пленумот го покажува дното кои може да го дофатат само оние кои бранејќи го својот интерес посегнале по туѓиот интегритет. Впрочем, вложеното во кампањата против Пленумот, покорисно би можело да се искористи во некоја хуманитарна акција во знак на поддршка на оние на кои им е потребно, наместо на оцрнување на борците за подобро образование. Лошите закони не може да се прикријат со негативната кампања насочена кон оние кои се борат за поквалитетно образование“, пишува во реакцијата на Пленумот.
А.Б.