Откако премиерот Груевски ненајавено се појави на прес конференцијата на Професорскиот пленум и организираше средба во Собранието на која присуствуваа министрите, замениците, ректорите и професорите од контра професорскиот пленум, професорите од Професорскиот пленум одбија да присуствуваат во Собранието.
– Признавам дека ние како културни и образовани луѓе кога ќе се соочиме со таква дрскост како што беше упадот на премиерот на нашата прес конференција, се збунивме и рековме дека ќе дојдеме, иако е тоа надвор од сета процедура. Бидејќи сме луѓе од збор и од беса, еве дојдовме, но само за да повториме:
Не учествуваме во оваа фингирана јавна дебата затоа што е таа нелегална, спротивно на деловничките правила на Собранието и е нелегитимна, заради отсуство на студентите, но и заради целосно игнорирање на универзитетските ставови.
Таа е задоцнета и цинична зашто студентскиот пленум, факултетите и ректоратите како и професорскиот пленум и покрај прекусото време за доставување мислења и сугестии, јасно го кажаа својот збор, но не беа удостоени да го образложат ниту на комисиската расправа, ниту на правно заснована јавна дебата, рече професорката Маја Стефановиќ.
Според неа, ваквата средба е вониституционална, зашто ја организира владата и министерството наместо надлежната собраниска комисија за образование и наука.
– Господине премиере се дебатира за идеи, за предлози, се дебатира за концепти, не се дебатира за диктат, рече професорката Стефановиќ.