Градоначалниците на Охрид Јован Стојаноски на Дубровник Мато Франковиќ, на Котор Владимир Јокиќ и главната советничка на градоначалникот на Мостар Рада Комадина вчера во Котор потпишаа Меморандум за пријателство.
Станува збор за документ за зацврстување и проширувањето на пријателството на четирите града преку здружено учество и меѓусебна соработка на сите полиња од заеднички интерес. Со Меморандумот четирите града што се под заштита на УНЕСКО ја потврдуваат намерата заедно и истрајно да делуваат во областа на заштитата и промоцијата на своето природно и културно наследство, со размена на искуства во унапредувањето на јавната свест за значењето на статусот на листата на УНЕСКО.
– Исклучително сум среќен по потпишувањето на меморандумот за соработка и пријателство помеѓу градовите Охрид, Дубровник, Котор и Мостар. Со потпишувањето и како држава и како град се надеваме дека ќе ги унапредиме меѓусебните односи пред се во областа на заштитата на културното и природното богатство. Имавме конструктивни разговори со претставниците на градовите кои се под заштита на УНЕСКО, во кои централно место имаа прашањата околу заштитата на културното наследство и развојот на туризмот и бизнис соработката, изјави градоначалникот Стојаноски.
По потпишувањето на Меморандумот за соработка бил одржан заеднички состанок на Бордот на директори на Организацијата на градови со светско културно наследство (OWHC).
Во Меморандумот за соработка меѓу градовите заштитени од УНЕСКО, покрај соработката за заштита на културното наследство, наведени се и други форми на развивање пријателство преку соработка во спортот, културата и бизнис заедниците.