И по четири месеци, полицијата се’ уште не може да го утврди идентитетот на насилниците кои дивееја пред општина Центар со оправдување дека постапката е се’ уште во тек. Во извештајот воопшто не се спомнува за вандалското кршење и напад на бараките на општината.
Со 11 гласови „за„ на ВМРО – ДПМНЕ и 11 гласови „против“ Советот на Центар не го усвои 6 – месечниот извештај за работата на полициската станица „Центар“.
В.д командирот на полициската станица Зоран Марковски, објасни дека во општина Центар годишно има над 7.000 настани годишно и претставува најнападната општина во државата. Како што кажа тој, задоцниле снимките за идентификација на идентитетот на насилниците кои го нападнаа Центар.
Советникот на СДСМ Ѓошо Вангелов реплицира на исказот на Марковски, велејќи дека не е можно полицијата за овие 4 месеци да не може да го утврди идентитетот на оние кои демолираа, кога едни исти луѓе се појавуваат на протестите кои ги организира ВМРО – ДПМНЕ, независно дали се работи за протести или контрапротести.
На ова командирот Марковски одговори дека доколку советниците од СДСМ ги познаваат некои од сторителите, да ги посочат со докази за полицијата да може да поднесе соодветна пријава.
– Во 6 – месечниот извештај го имаме тоа што го имаме, додека во годишниот извештај ќе го имате на увид комплетниот извештај. Постапката може да се забави, но не и да се заборави. Секој нормален човек не може да се согласи со она што се случуваше пред општината. И јас бев гаѓан и туркан. Таа нечовечост е јасна. Јас само си ја вршев работата – изјави Марковски.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека кај жителите на Центар постои задоволство од работата на полицијата, дека граѓаните посигурно се чувствуваат поради честите контроли и дека има ред.
Во однос на прашањето за нередите пред Центар, кои беа „спонтано“ организирани од „верниците“ на здружението „Веритас“, ВМРО – ДПМНЕ порача дека претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ требало да ја прекине седницата, наместо да бара интервенција на полицијата.
Според советничката група на СДСМ, полицијата постапила селективно и немо го следела нападот на општината,а притоа беа загрозени животите на советниците, новинарите и претставниците на меѓународната заедница. Тие обвинија дека здружението „Веритас“ не постои и не е регистрирано како организација, по што се постави прашањето на кој начин се дозволило организирање „спонтан и мирен“ протест.
ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека немало физички нападнат или повреден советник, и дека советничката од СДСМ, била повредена од шминката. Ова, како што рече, советник од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Богдановски, инаку лекар по професија, не била физичка повреда и дека ова одговорно го тврди.На ова реагираше советничката и кажа дека била повредена тој ден.
Во текот на целата дебата, доминираа советниците на СДСМ. Весна Милосавлевска од редовите на СДСМ праша зошто во овој извештај не се споменуваат инцидентите од 3-те избори круга во Центар, „нападот“ на гласачи од Пустец и изгаснатите лифтови во Капиштец за време на одржување на локалните избори. Командирот Марковски одговори дека по однос на ова прашање, до полицијата има стигнато само една пријава, додека Илија Илиоски од редовите на ВМРО – ДПМНЕ изјави дека ниту на полицијата, ниту на општината не и одговара да не се усвои извештајот и побара од сите советници да го прифатат извештајот на полицијата, но тоа не се случи.
Инаку Зоран Марковски беше топ тема во медиумите дека бил осуден за убиство. Портпаролот на МВР, Иво Котевски, изјавуваше дека лице со тоа име не е командир, туку В.Д. командир.
Петар Клинчарски