Претседателот на НСДП Тито Петковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека не знае дали по објавувањето на „бомбата“ на Заев и опозицијата Груевски ќе замине од власт, но, посочува, аферите за Македонска банка и за Актор се обична играчка во споредба со фактите со кои располага Заев.
Аферата со Македонска банка и со Актор, се класични корупциски афери, кои не предизвикаа голем интерес кај граѓаните, благодарејќи пред сè на медиумската блокада од страна на власта.
„Ние сме во фаза на информирање на граѓаните, информирање за она што се случува реално во животот во Република Македонија, начинот на којшто владее, тоа е невидено, незабележано, не знам во Европа некаде, освен во Унгарија на Виктор Орбан, дали некаде има сличен режим како што е нашиот. Корупција, алчност, укинувањето на слободата на говорот, апсолутно суспендирање на демократијата, немање никаков вид на комуникација, дијалог, на ниту еден медиум не одат претставниците на власта за да можат да се соочат ставови, погледи, мислења, имате еден авторитарен режим којшто што самиот се храни, самиот од себе“, вели Петковски.
На трибините кои ги одржуваат секој ден ги информираат граѓаните.Оваа власт, вели, може да се урне ако има многу сојузници во народот.
„Бомбата значи збир на различни документи и сознанија, докази, релевантни факти итн., за начинот на владеење, односно за бескрупулозноста на власта во сите сфери на животот. Се разбира ниту имам право, ниту имам мандат да ги кажувам деталите, но цврсто сум уверен дека тие се многу силни, јас му верувам на господин Заев, дека и она што не го знам, да речеме, дека исто така има таква силина како тоа што го знам. Аферата за Македонска банка и за Актор се обична играчка во споредба со фактите со кои располага Заев“, одговара Петковски во интервјуто.
Смета дека најкраткиот пат за падот на Груевски е Ахмети.
„Излегувањето на Ахмети од Владата ќе значи пад на Груевски, бидејќи неговата политика и политиката на Ахмети по дефиниција се националистички, популистички политики коишто имаат за цел да генерираат што повеќе националистички набој кај електоратот и да ги поддржат, а тие меѓу себе се антиподни, само го продлабочуваат јазот меѓу Македонците и Албанците, омразата се продлабочува, довербата се губи. Излегува владин партнер и кажува дека за случајот Монструм ќе бара помош од ФБИ, тоа веќе значи дека се нема доверба во сопствените институции и различна конотација околу политиката во сферата на образованието итн. Значи дали е тоа можно? Мислам дека е можно, бидејќи во секој случај, доколку Али Ахмети дојде во сознание за можноста владата да падне, а тој да остане на власт, веројатно дека кај него ќе предизвика чувство на потреба со силите коишто доаѓаат, со силите кои ќе ја преземат одговорноста да ја водат држават “, вели Петковски .
Објективно, според лидерот на НСДП, владеењето на Груевски и на Ахмети е како на двајца браќа близнаци, нивната политика се темели на многу слични основи.
„Јас сум цврсто убеден дека најсилната карта, најсилниот адут што го има Груевски во рака се Хашките случаи, бидејќи на противзаконски и на противуставен начин беше амнестирано водството на ОНА, Груевски сите тие предмети ги има во фиока и така го држи на тенок мраз Али Ахмети и ДУИ и доколку промовираат и артикулираат поинаква политика, тој може во секој момент да ги извади документите, бидејќи злосторствата против човештвото не застаруваат. Тоа е основната причина зошто ДУИ така верно, слугински се држи кон политиката на ВМРО-ДПМНЕ, а ние разговараме објективно и со ДУИ разговараме, а со ДПА не разговараме, бидејќи не работиме на слична бранова должина, но за нас многу посилни се контактите со албанските интелектуалци и она што сега се артикулира како нова можност за формирање на нова политичка партија и она што струшкиот градоначалник исто така го промовира како идеја, како некоја алтернатива. Тие за нас се многу поприфатливи политички идеи, отколку да речеме она што во политиката го практикува ДПА, а особено ДУИ.
Петковски не верува, познавајќи го Груевски, во можност за решавање на проблемот со името.
„Решавањето на проблемот со името практично ќе го делегитимира како сериозен политички играч, бидејќи целокупната негова политика и филозофијата на неговото владеење се темелеше на претпоставката на „името не го даваме“. Сите други се предавници кои разговараат на таа тема, а тој е свесен дека без компромис нема решение. Исто така е свесен дека ако се направи компромис, дека тој треба да го направи компромисот и практично ореолот на предавниците ќе биде адресиран директно на него, бидејќи тој и по дефиниција и ако треба да се оди на референдум за името, како што стои во нивната политичка програма, тој треба да даде предлог како треба да гласи името, односно како треба да гласи прашањето за референдум. Јас воопшто не сум оптимист, бидејќи тоа не му одговара, тоа е најсилната карта на којашто игра Груевски и најсилната карта на која досега го темели своето владеење е борба со сите предавници, како Дон Кихот со ветерниците“, вели претседателот на НСДП Тито Петковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.