Денеска беше отворен Центарот на заедниците во општина Центар како дел од проектот “Општина по мерка на граѓаните“.
Ова, рече извршниот директор на Фондацијата Отворено Општество – Македонија, Владимир Милчин, е во рамките на концептот 2014 – 2017 година, во партнерство со општините Центар, Струмица и Струга.
“Идејата се темели на уверението дека децентрализацијата и силната локална самоуправа се значајни за демократијата. Локалната власт треба да е најблиска до граѓаните. Овој проект е чекор кој ќе го овозможи ова“, рече Милчин.
Советот на општина Центар ќе биде оспособен за да можат граѓаните да присуствуваат на седниците на Советот. Во Центарот на заедницата, кој се наоѓа во просториите на општина Центар, граѓаните ќе можат да добијат административна помош за тоа како да си ги остварат своите права.
Исклучително значајно во формирањето на политиките на општината е учеството на граѓаните.
“Интерес кај граѓаните има, има интерес и кај вработените во општината и кај советниците. Македонија беше пример за развој на локалната самоуправа и децентрализацијата, но сега има застој. Не сакаат баш сите да се децентрализираат“, рече Милчин.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски истакна дека ова е исклучителна чест и обврска, бидејќи општина Центар е една од трите општини која е влезена во овој значаен проект. Жерновски вети дека тој и општината ќе сторат се’ за да се оправда оваа доверба.
“Секој градоначалник кога се кандидира ветува дека ќе направи општина по мерка на граѓаните. Некој успева во тоа, некој не. Сега, со помош на ФООМ, сме во можност ова и да го исполниме, бидејќи ние постоиме за граѓаните, а не тие за нас“, изјави Жерновски.
Градоначалникот на општина Центар вети дека максимално, тој и општинската администрација ќе се трудат да пружат помош на граѓаните, бидејќи не секогаш таа помош е на ниво и се очекува.
“Отсекогаш сум сакал на седниците на Советот на општината да бидат присутни и граѓаните за да се уверат како работиме и дали тоа е во интерес на истите. Сега тоа ќе можеме да го реализираме“, рече Жерновски.
Администрацијата ќе се обучува и како да ги користи средствата од ИПА фондовите. Центарот е отворен за соработка со граѓаните и граѓанските организации и поддршка на нивните иницијативи, кои имаат за цел подобрување на животот во општина Центар, развој на демократијата и човековите права, образованието и социјалната заштита.
Веќе во декември, Центарот ќе почне со поддршка на иницијативата за движењето “Стоп за полициската бруталност“ и отворање на Центар за лекување на зависници од дроги во општина Центар.