Капиштец, со 12.000 жители, е најголемата населба во Центар, но на нејзината територија нема ниту едно основно училиште. Тоа, рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, беше голем проблем и за родителите и за децата бидејќи учениците мораа да ги носат дури и до соседните општини.“
“На долгиот пат кон училиштето, децата поминуваат повеќе сообраќајници што ја загрозува нивната безбедност. Денеска ја почнуваме изградбата на новото основно училиште ‘Капиштец’. Во нашата изборна програма се обврзавме дека ќе изградиме нова градинка и ново училиште.
Градинката, која е на 267 метри од овде, е најголема и најсовремена. Последното училиште ‘Јохан Хајнрих Песталоци’ во Центар е изградено 1969 година, а последната градинка пред 41 година“, рече на поставувањето на камен темелникот, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
При проектирањето се водеше сметка училиштето да биде прилагодено на новата “Кембриџ“ образовна програма. За секој ученик е планиран минумим простор од 5 м2, а во секоја паралелка ќе има од 25 – 28 ученици, со што се исполнуваат меѓународните стандарди. Новото, современо училиште “Капиштец“ ќе биде едно од најубавите на Балканот, со капацитет од 500 ученици.
Вкупна површина на објектот ќе биде 11.886 м2, ќе има 20 училници, 8 кабинети, спортска сала, сала за гимнастика, аула со трибини, кујна со трпезарија, два лифта, спортски терени за футбал, одбојка и ракомет, ботаничка градина и подземен паркинг, со 95 паркинг места.
Објектот ќе биде изведен во армирано-бетонски систем кој нуди високо ниво на сеизмичка заштита, ќе се користат за изградба природни материјали кои не се штетни за здравјето и за околината. Кабинетите ќе бидат модерно опремени, со интерактивни табли и таблет-компјутери.
Подовите ќе бидат од винил, со антибактериски и анти-алергени особини. Во сите тоалети и во целиот објект ќе има подно греење кое ќе овозможува идеална температура низ просториите.
Енергетско ефикасната фасада ќе спречува сончеви и други атмосферски влијанија.
На конкурсот за идејниот изглед имаше 21 пријавен труд, а како најдобар беше избран оној на младиот архитект Бесијан Мехмети.
Ова, рече Мехмети, беше сериозна задача за нас, за да создадеме современ објект во центарот на Скопје.
“Нема поголема возбуда што сега стојам на местото каде што идните ученици ќе учат и другаруваат“, рече Мехмети.