Обвинителката Гордана Смаќоска најави жалба за висината на казните кои судот ги изрече на обвинетите кои се товареа дека го организирале упадот во Собранието на 27 април. Таа рече дека судот многу ги ублажил казните и потенцираше дека според неа најмалата казна требало да е 10 години.
„Минималната казна за ова кривично дело е 10 години. Судот многу ги ублажи казните. Видовте дека тоа се шест години и шест месеци, шест години и три месеци. За обвинителството ова се многу ниски казни. Изненадена сум и јас од овие казни. Во претходниот предмет за извршителите имаше многу високи казни. По мое мислење, не смееше судот да си дозволи да има пониска казна од 10 години, по мое јавно-обвинителска видување за самиот настан. Ако не беа овие обвинети за организатори, немаше да се случаи тој настан. Ќе има жалба, казните се многу ниски“, рече Гордана Смаќоска.
Обвинителката направи компарација со процесот „Рекет“, каде е осудена поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Смаќоска кажа дека Јанева добила повисока казна за полесно кривично дело.
„Една мала компарација ќе направам. Катица Јанева е казнета за полесно кривично од ело, за злоупотреба на службена положба и овластување, каде казната е максимум 10 години, доби 7 години. Па јавноста нека направи споредба со висината за казната. Кога ќе ја добиеме писмената пресуда, ќе вложиме жалба за сите обвинети.
За тоа зошто судот при изрекувањето на затворските казни ја земал во предвид и аместијата која ја добија дел од обвинетите, во претходниот судски процес, Смаќоска кажа дека истата за неа е незаконска.
„Амнестијата беше дадена општо, без конкретно дело и обвинети, без кривични дела и правна квалификација. Таква амнестија не била дадена никогаш, за никого. Никогаш не е дадена општа амнестија. Сметам дека таа е незаконите и не носи правни дејствија. Судијата треба да објасни зошто амнестијата влијаела на вака ниска казна“, додаде Смаќоска.
На рочиштето беа изречени затворски казни за сите обвинети каде обвинети се за организирање на насилниот упад на 27 април.