Дваесет и еден ден по убиството на ракометарот Денис Тот, сега обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски имале грижа на совест и чувство на вина. Ова го констатира Александар Марцикиќ, психијатар, кој изработил вешт наод за нив. Тој ги опиша сите обвинети како психички здрави особи, со уредна интелигенција. Сите биле загрижени поради настанот, смртниот исход, реперкусиите, кривичната постапка и притворот. Но и покрај ова вештачење на докторот, тие на првото рочиште кажаа дека не гледаат вина кај себе за смртта на Тот.
„При прегледот ниту еден од обвинетите не манифестираше било какви знаци на пасивна или активна агресивнсот, како што опишав кај нив беше актуелна психичката реакција на исходот од настанот и реперкусиите од нив, сите имаа слични манифестации, како грижа на совест, чувство на вина, видлива вознемиреност поради исходот од случувањето и кривичната постапка против нив, страв или анксиозност од самата постапка и последниците по нив, пред се, социјалните последици“, кажа докторот, говорејќи за вештиот наод изработен 28.04.2022.
Обвинетата Лефковска е единствената од тројцата која претходно имала психички проблеми и се лекувала. Психијатарот посочи дека конзумацијата на алкохол придонела за обвинетата да биде похрабра во своите чекори. Тој опиша дека при конзумација на алкохол, обвинетата е склона кон конфликти и е поарогантна.
Адвокатот Бојан Василевски, бранител на обвинетата праша: „Кажувате во вештиот наод дека Клементина консумирала 2-3 жестоки пијалаци. Дали ако истата била трезна, ќе ги презела истите дејствија?“
„Околу конзумирањето на алкохол, исказите на обвинетата не се поткрепени со други материјални докази, пред се мислам на лабораториско иследување на присуство и концентрација на алкохол во крвта. Моето толкување според нејзините искази се описни. Си дозволив да го коментирам овој податок, во склоп на обид да што по објективно ја опишам нејзината психичка реакција при самиот настан. Не можам да претпоставам како би реагирала доколку наводно немала алкохол во себе.
За обвинетиот Андреј Костовски, психијатарот Марцикиќ, кажа: „Не констатирав патолошка потреба за искривување на вистината. При самиот преглед обвинетиот Костовски немаше знаци за агресивно однесување“.
Прашања за вештото лице имаше првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски. Го интересираше како алкохолот можел да влијае врз неговите постапки, на што вештакот додаде: „Можел да влијае, не можам да кажам како зошто не знаеме колку имал испиено“. Наспроти толкувањето за Лефковска каде таа кажала дека испила 2-3 чаши алкохол, а се дава објаснување како влијаел на нејзе, психијатарот Марцикиќ тоа го нема направено за Ѓорѓиевски.
На 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, обвинетите заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот, тврди скопското Обвинителство. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.
„А1он“ објави и детали што се случувало кобната вечер и зошто е убиен Тот. Од дружба и пиење во диското, до смртоносни боксови и клоци. Ракометарот Денис Тот од дискотеката излегол во друштво со осомничните за неговото убиство по три часа забава. Тие имале резервација, пиеле виски и Ред бул, немало расправии ниту индиција дека нешто ќе се случи. Внатре влегле околу триесет минути по полноќ, а излегуваат околу 3 часот и 30 минути по полноќ.