Скендер Демири и Бесир Беља обвинети за убиството на 20-годишниот член на навивачката група „Комити“, Никола Саздовски, на денешното прво рочиште се изјаснија како невини за делото „убиство на свиреп начин“ кое им се става на товар.
Јавниот обвинител во воведните зборови го изнесе обвинението пред судот во кое наведе дека согласно доказите кои ЈО ги има прибавено во текот на овој судски процес ќе докаже дека обвинетите Бесир Беља И Скендер Демири заедно во присуство на обвинетиот Јетон Љужа кој не е присутен и по кој е распишана потерница, на свиреп начин со убиство го лишиле од живот сега починатиот Никола Саздовски на начин што на 29 6 2018 година на бул. Александар Македонски во Скопје на автобуската постројка кај Алкалоид му пристапиле на оштетениот, му побарале лична карта по што го запрашале дали е Никола Саздовски викан Саздо по што тој тоа го потврдил.
– Сите 3 заеднички почнале да го удираат со боксови по главата и телото. Од силината на ударите оштетениот изгубил рамнотежа, паднал на тротоарот по што обвинетите истовремено без милост со силни удари продолжиле да го удираат во градите и главата по што сега починатиот паднал во кома. Саздовски се здобил со повреди опасни по живот во облик на подливи, веднаш бил пренесен во Клиничкиот центар Мајка Тереза и префрлен на КАРИЛ каде се констатирани повредите. Како резултат на ПОВРЕДИТЕ Никола Саздовски починал на 9.07.2018. Обвинетите го сториле кривичните дела убиство чл. 123 став 2. Ова обвинение јавното обвинителство ќе го докаже со материјални докази, но и со вербални од сведоци, рече обвинителот Анел Фидовски.
Семејството на починатиот Никола Саздовски се приклучи кон прогонот на обвинителството.
Како сведоци за случајот повикани се девојката на Саздовски, Миле Алексовски, Катерина Николовска, Савид Осман како и докторот Марцетиќ, кој ги констатирал повредите кај Саздовски.
Виктор Јованов