ВИДЕО: Нова спортска сала во училиштето „Јероним Де Рада“ во кумановско Черкези

Од:

Вкупно 520 ученици од основното училиште „Јероним Де Рада“ од кумановското село Черкези ќе добијат нова современа спортска сала која ќе биде опремена со реквизити за изведување на наставата по физичко, а ќе се користи и за кошарка, одбојка, ракомет и други спортски активности.

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Бујар Османи и Оливер Спасовски, министрите за образование и наука и животна средина и просторно планирање, Арбр Адеми и Садула Дураку и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска го означија почетокот на изградбата на спортската сала.

Премиерот Заев во обраќањето пред присутните, нагласи дека учениците и наставниците веќе нема да мораат да изведуваат настава по физичко образование во училишниот двор. Салата ќе биде со површина од 650 метри квадратни и се очекува учениците и младите кои ќе тренираат да ја коритстат од второто полугодие на новата учебна година.

Премиерот очекува дека со изградбата на оваа сала ќе се создадат услови за развој на спортските таленти на децата и младите од овој крај.

– Владата на Република Македонија е силно определена да ги поддржи проектите што се од интерес на граѓаните и значат подобрување на квалитетот на живот и од тие прични продолжуваме со реализација на изградбата на спортски сали во училиштата во Македонија, рече Заев.

Училиштата, како што потенцираше тој, се од исклучителна важност во намерата да се инвестира, со расположливите ресурси и капацитети во развој на спортската инфраструктура и условите за спортување како начин и стил на живот во Македонија.

– Спортските навики се доблести што сакаме да ги поттикнеме кај секој млад човек, дисциплна, тимска работа, почит, лидерство, солидарност, резултати, рече премиерот и додаде дека се создаваат услови за зголемен број на часови по спорт во училиштата.

За ова, како што истакна Заев, значајна е изградбата на спортската инфраструктура за креирање на овие цели. Тој потсети дека интензивно се работи и на изградба и реконструкција на училишните објекти во градовите низ Македонија, што е еден од врвните приоритети на образовните политики на Владата.

– Нашите деца заслужуваат да ги добијат сите потребни услови за достоинствено следење на училишната настава, но и за практикување на здрави спортски навики, рече Заев.

Пред присутните се обрати и вицепремиерот Бујар Османи. Тој порача дека се отвораат европските перспективи за Македонија, а со тоа за земјата се ставаат на располагање и повеќе средства од европските фондови за реконструкција и изградба на училиштата низ Македонија.

– Околу 100 милиони евра годишно само сега добиваме од ЕУ како неповратни средства, за да се подобри животот на граѓаните. Оваа вредност ќе се зголеми за два до три пати со почетокот на преговорите во наредната година и овие средства нема да бидат кредит, туку неповратни средства, рече вицепремиерот Османи.

Салата, потенцираше министерот за образование и наука Адеми е прва која ќе биде изградена во Черкези и во училиштето и е дел од изградбата на 145 спортски сали. Таа ќе биде наменета и опремена со реквизити за кошарка, одбојка, ракомет, ателтика, гимнастика.

– Верувам дека заедно со Владата, со ваша помош, можеме да ја постигнеме оваа голема цел. Квалитетното образование на нашите деца е наша цел и мисија, рече министерот Адеми.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски истакна дека Куманово е најголема општина со најголем број училишта, но, дека претходно најголема инвестција во образованието била во далечните 80-ти години.

– Со изградбата на оваа спортска сала ќе дадеме придонес и оттука заедно со ресорното министерство и Владата ќе отпочнеме со реализација на поголем број инфраструктурни проекти во општината, рече Димитриевски.

Тој најави дека наскоро ќе започне со изградба нова спортска сала во средното училиште „Наце Буѓони“ во Куманово, со што ќе се подобрат условите за квалитетно образование.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Девојче било истепано на свадбена веселба во Куманово

Изгоре куќа во Куманово, нема повредени