На денешната трета средба со министерот Адеми и заменик министерот Ристовски, на средношколците, тие им предложиле да се формираат работни групи кои ќе ги разгледуваат предлозите за подобрување на концептот на матура и екстерното тестирање во иднина.
Наспроти ова, средношкоцлите велат дека на средбата со надлежните дошле со конкретни решенија кои претходно ги изработиле нивните работни групи и затоа не отстапуваат од нивните барања.
– За државната матура веќе имаме формирано работна група кој веќе го има разгледано концептот на државна матура, како и правилникот за екстерно тестирање и ние доаѓаме со конкретни предлози, а не со замисла да правиме некакви работни групи што ќе траат со години, вели Дејан Рајковски од Средношколскиот пленум.
Според средношколците најдобар модел на екстерно оценување е оној словенечкиот кој се прави анонимно, како статистичка операција и кој служи за увид на недостатоците во образовниот процес.
– За конкретните проблеми, ние најдовме совршени решенија кои ќе ги задоволат сите страни за екстерното тестирање. Во обрзовниот процес најважна е наставната програма и методологијата на предавања, а самото тоа што ќе имаме статистички податоци, како стоиме со сите предмети, може директно да се влијае на наставната програма и методологија за да се структуира како што е потребно. За државната матура ние веднаш ги увидовме грешките, со математиката како задолжителен предмет и со електронското полагање, со кое електронски се полага 7 пати, вели Огнен Ханџиски од Средношколскиот пленум.
Средношколците за идните средби со министерот Адемми и заменик министерот Ристовски ќе бараат мониторинг од Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет за човекови права и од Детската амбасада Меѓаши, за да се заштита од манипулации.
Според податоците на Средношколскиот пленум во земјава има околу 18 илјади матуранти, тие ја бојкотираат наставата веќе 17 дена.
А.Б.