ВИДЕО: Ни ги исфрлија работите на улица за да пробијат пат кон парцелите на „Ексико“

Од:

Рано изутрина градежни работници ги разбудиле граѓаните на улицата „Питу Гули“ на Водно затоа што добиле наредба да им ги срамнат со земја гаражите кои ги користат неколку децении.

Преку нивните гаражи и над нивните куќи треба да се направи пат кој ќе води до градежните парцели во парк шумата Водно. Овие парцели беа спомнети во една од „бомбите“ на СДСМ, дека наводно му припаѓаа на премиерот, Никола Груевски.

Гаражите се во сопственост на едно семејство на улицата „Питу Гули“ и на бизнисменот, Ристо Гуштеров. Градежна механизација, багери, работници и инспектори од Управната инспекција утринава почнале со рушење. Насилно ги отстраниле вратите и на улица ги исфрлиле предметите и мебелот што семејството ги чувало во гаражата. Тие се згрозени од нечовечноста на службениците кои не сакале да ги ислушаат.

Промените во Деталниот урбанистички план предвидуваат шест нови маркички во парк шумата на кои треба да се изградат атрактивни станбени објекти. Гаражите се пречка на патот што треба да се изгради за да се направи пристап до овие парцели.

Семејството вели дека во 2012-2013 година на врата им затропал службеник од Општина Центар кој барал да потпишат решени за рушење на гаражите. Одбиле да потпишат и се пожалиле во Општината каде поднеле приговор. Од тогаш, велат, ништо не слушнале за постапката се до денес кога била донесена механизација да ги руши гаражите и да го пробива патот.

Пристапот до парцелите треба да се изгради на ровка земја која не е погодна за вакви градби. Со пробивањето пат кон парцелите, од друга страна ќе се уништи голем дел од зеленилото во парк шумата. Во план е да се изгради пристап и од другата страна на ридот кој се издигнува над куќите со што ќе се навлезе во имотот на уште неколку семејства на Водно.

Фирмата „Ексико“ поседува две парцели на ридот од кои едната е голема 3.880 м2, а другата 634 метри квадратни. Фирмата „Кара“ е сопственик исто така на две парцели, едната 732 метри квадратни, а другата 875м2. Како сопственик на една парцела на ридот, во површина од 976 м2, се јавува и фирмата „Манд Интернационал“. Останатите се или во сопственост на приватни субјекти, или во државна сопственост.

Следниот извадок, според СДСМ, е од разговор помеѓу премиерот Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски.

На следниот линк се наоѓаат аудио снимките од сите разговори кои опозицијата ги објави на оваа тема.

НГ: Нели ти кажав дека во меѓувреме збркав друго.
МЈ: Знам, знам, океј е тоа.
НГ: Е. Сега тоа ми е исто хитно како и ова. Дури похитно ми е тоа, знаеш.
МЈ: Добро.
НГ: Тоа е многу поголемо, тоа го начекав јас за џабарлак, ти кажував.
МЈ: Знам, знам ми кажа Александар дека знае. Океј.
НГ: Александар знае за кого е, што е?
МЈ: Алек.
НГ: Да де да, е па добро. Океј. Значи тоа новото е доста поголемо од старото.
МЈ: Мислам дека треба…, ама да Ви потврдам утре. Треба заради да го постави ДУП-от, заради границите, заради тоа.
НГ: Старото, старото беше околу 2,7 така.
МЈ: А…ааа. Не знам точно.
НГ: 2.700 така беше.
МЈ: Мислам дека 3.5 беше. Ама не сум сигурен. 3-ка беше сигурно.
НГ: Ја мислам дека 2.700 беше. Не мислам, него сум сигурен. Ова новото е 11.000.

 

Маја Васева

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Снег на Водно, во неколку града и во скијачките центри

Катерина Ѓуровски

Левица: ДПМНЕ шверцерски протна две нови висококатници во Аеродром

Ангелов: Пожари на две места на Водно и искршено стакло на продавница

Томески: Изгаснат е пожарот во планинарскиот дом на Водно

Пожар во планинарскиот дом на Водно

Горан Наумовски

Момче и девојче повредени во сообраќајка на Водно

Горан Наумовски