Професорот по македонски јазик, Душко Стојановски, од гимназијата „Орце Николов“ во интервју за „A1ON“ зборува за лошо спроведените реформи на Министерството за образование, за партизираноста во образовниот систем, за отуѓеноста на Владата од своите граѓани и како ова ќе влијае на средношколците.
Според професорот необмислените реформи, кои насилно се спроведуваат, можат да создадат само искривени ученици кои потоа лесно би се манипулирале.
Владините политики во образованието, вели професорот, го ограничуваат професорот да придонесе во обликувањето на младите карактери и да им се посвети поединечно. Погубно е тоа што во условите на бојкотот, наредбите од Министерството уште повеќе ги оддалечуваат професорите од нивните ученици. На професорите им е наложено да седат во училниците и да ги чуваат празните клупи, додека на учениците им е забрането да влезат внатре затоа што на тој начин би го прекршиле бојкотот.
-Во овој случај формално правиме реформи, а всушност го расформираме целосно системот на образование. На тој начин ние се расформираме целосно како општество, затоа што искривено образование создава искривени личности, а искривените личности создаваат искривено општество, кое нема да може да се исправи пред никакви предизвици – вели Стојановски.
Во нашето општество денес, вели тој, се напредува според лојалноста на партијата, а не според квалитетот. Тоа е присутни и во средното образование, од врвот на хиерархијата во Министерството, до вработувањата на професори. Борбата на средношколците, вели тој, не е само против лошите реформи, математиката и екстерното.
– Ова е суштината на човечноста, да согледаш дека луѓето ќе напредуваат според вредностите. Ветерот за будењето на граѓанската свест дојде од младите. Но оваа власт се уште не разбира за што станува збор. Луѓето се обединуваат кога наидуваат на големи несреќи. Тоа нас сега ни се случува и го доживуваме на дело. Сите структури од оваа земја, се она што е граѓанско се обедини заради таква голема несреќа која ги притисна од страна на една сосема недоветна власт – посочува Стојановски.
Реформите, вели тој, не се воопшто осмислени, а прв знак за тоа е дека се образовниот систем се менува среде учебната година.
– Откако почнаа протестите, се појавуваат одеднаш различни експерти, од каде толку експерти кај нас? Тие објаснуваат колку математиката била важна и потребна, тоа требало да излезе како сериозна опсервација што тим од Министерството требало да ја направи. Тоа е втор знак дека реформата не е обмислена и испланирана. Тоа кажува дека ова Министерство целта ја остваруваат така што го уништуваат нашето општеството – додава професорот.
Министерството за образование веќе покажа, вели тој, дека е неспособно да произведе корисни политики. Одговорните за креирање реформи во Министерството се луѓе кои немаа искуство и познавање. Професорот го критикува и однесувањето на МОН кон средношколците. Игнорантскиот однос, вели тој, постоел и кога наставниците се обидувале да се вклучат во креирањето политики и кога праќале дописи до Бирото за развој на образованието.
– Министерството е јавна служба, зависи од приходот на даночните обврзници. Ова Министерство мора да сфати дека јавниот службеник им одговара на даночните обврзници. И претходно сме се обиделе да контактираме со Бирото за развој на образование, но не игнорирале. Вработените во Министерство се почетници, луѓе кои немаат искуство, кои изгледа се намерно поставени таму. Оние што знаат се фрлени на маргините и се отстранети – посочува професорот.
Маја Васева