Некреативните слогани, традиционалното водење кампања со митинзи и класично рекламирање, долгите говори, стерилните долги програми, без издвоени поенти ги прават гласачите збунети, уморни и незаинтересирани да ги слушаат претседателските кандидати.
Ира Бабиќ, експерт по комуникации, за „А1он“ вели дека никој од кандидатите не се потрудил да развие стратегија за комуникација со своите гласачи на социјалните мрежи каде претежно е застапена младата публика. Според неа, парите дадени за ова кампања се неинвентивно искористени и без можност да се допре до неопределените гласачи. Политичарите сè уште немаат сенс за евтините алатки што ги нудат социјалните мрежи, а тоа покажува дека државата е далеку зад развиениот западен свет.
„Ако ги отвориме профилите на кандидатите на социјалните мрежи забележуваме еднонасочна комуникација, односно пласирање информација, каде ќе има митинг, што се дискутирало на дебата, дел од нивните говори. Ќе се согласиме сите дека никој од нас нема време да гледа 15 или 30-минутно интервју, туку сакаме на брз и едноставен начин да се информираме што нудат, кои се нивните вредности. Кога ќе ги отвориме нивните програми ги гледаме целосно испишани на 15 или 20 страници. Нам ни требаат издвоени кратки и јасни пораки за ние како гласачи да знаеме кој од кандидатите што застапува и врз основа на тоа да донесеме одлука“, вели Бабиќ.
Гледано од психолошки аспект, претседателските кандидати треба да водат сметка и за психологијата на толпата, односно народот, смета психијатарот Симеон Могилевски. Тој вели дека граѓаните, за разлика од порано, се помалку подложни на манипулација, со поразвиена самосвест, која со години била потиснувана.
„Во поновата историја, да кажам во годините на транзицијата, политичките партии константно го потискаа народот, односно нивното ‘јас’. Народот немаше можност да се изрази, дури и да размислува, немаше доволно средства за објективна информативна содржина. Како поминува времето, тоа его расне. Народот анализира, споредува што се случува во околните држави, анализира дури подалеку што се случува, затоа и бара повеќе и повеќе и не се задоволува со она што се нудело како модел пред години“, вели Могилевски.
Комуникологот Бабиќ забележува дека иако кандидатите се водат како натпартиски, кај сите преовладуваат боите на партиите и пораките што ги пренесуваат јасно се пораките на партиите кои стојат зад нив. Според неа, најтешко е со ваква кореографија и комуникација да се освојат неопределените гласачи.
„Не можам да видам ништо иновативно во слоганите, ниту во дизајните со кои се претставуваат кандидатите. Многу е жално што не се свесни дека на овој начин не можат да допрат до младите, оние на возраст од 18 и нагоре, кои не можете да ги таргетирате на митинзи бидејќи тие се претежно на Инстаграм или на Фејсбук, а таму се комуницира на истиот оној стерилен начин. Во оваа кампања нема ништо ново, а со тоа што се прават паралели со кои се покажува лошото кај противкандидатот, повеќе се збунува јавноста и тоа е причина плус да се игнорираат изборите“, вели Бабиќ.
Таа додава и дека од она што до сега го понудиле кандидатите, публиката нема претстава за нивните карактери, какви луѓе се и кои вредности застапуваат.
„Во ова модерно, брзо време, па да кажеме репутациско време, не гледаме комуникација која ќе ја покаже нивната човечка страна, кои се тие како личности и како ќе го реализираат она што често го зборуваат во нивните говори во идно време, нема доволно објаснување. Меѓусебните препукувања со изнесување на негативното кај противкандидатот треба да бидат на повисоко ниво, малку поинтелигентни, во позавиена форма, а не како што тоа го гледаме кај нашите кандидати“, порачува комуникологот Бабиќ.
Многукратно повторена лага станува вистина е начинот на кој најчесто се манипулираат луѓето во предизборните кампањи, смета психијатарот Могилевски. Но, тој порачува дека лагата може да се открие, ако се следи соговорникот, кој може да се оддаде по говор на тело, боја на глас, израз на лице.
„Во секој случај, може да препознаеме кога лаже политичар. Тоа е видливо по експресијата на лицето, интонацијата, бојата на говорот…Самосвесен човек може да го забележи тоа“, вели Могилевски.
Габриела Димковиќ Мишевска