Од Самостојниот синдикат за образование наука и култура ја демантираат изјавата на министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски, дека огромен број на вработени во детските градинки биле ангажирани да учествуваат на партиско-политички настани и каде патем ги задолжувале хаус мајсторите да се грижат за децата во градинките.
– Министерството за труд и социјална политика, на чело со министерката, на прес конференција изнесе тешки шпекулации и невистини во кои што се кажува дека огромен број на вработени во детските градинки на национално ниво особено воспитувачи и негователи биле ангажирани да учествуваат на партиско политички настани, велат од СОНК.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков тврди дека од страна на инспекторите во ова ресорно министерство до некои од детските установи било доставено писмо во кое се наведува фиксно работно време во градинките односо осум-часовно работно време меѓу кои и за воспитувачите и негователите што е спротивно на законот за детска заштита.
-Фиксното работно време е апсолутно спротивно на законот за детска заштита како и подзаконските акти кои што го регулираат работното време на негувателите и воспитувачите. Писмото кое е доставено го карактеризираме како скандалозен и не валиден акт, вели Неделков.
Министерката Ременски пак, до СОНК и до вработените во градинките испрати Допис во кој што се појаснува дека нема промена на работното време како и дека власта има намера преку дезинформирање на вработените да предизвика незадоволство и штрајк.
– Затоа, за да нема никакви дилеми и за да не оставам никаков простор за дезинформирање на воспитувачите и негувателите сакам јасно и прецизно да посочам на следниве две работи:
1. Работното време не се менува, останува какво што е предвидено во член 67 од Законот за детска заштита и подзаконските акти. Воспитувачите и негувателите имаат право пропишаните два часа од работното време за подготовка и други активности да ги реализираат дома.
2. Вработените во градинките не смее да бидат предмет на уцени, закани и условувања да ја напуштаат својата работа предвреме за да присуствуваат на партиски активности. Секој кој ќе се дрзне да прави вакви притисоци ќе биде санкциониран согласно законите, пишува во дописот на Ременски упатен до СОНК и вработените во градинките.
Министерката Ременски исто така го обвини СОНК дека наместо да ги штити членовите тој се впуштил во одработување на некои политички партии кои што се на власт како и дека го насочуваат членството кон протести и немири.
Од СОНК ја демантираа оваа изјава на Ременски велејќи дека синдикатот апсолутно не одработува за никого и дека СОНК се стреми за она што е создаден односно за она што е согласно со статутот на организацијата а тоа е одбрана на правата на работниците.
Исто така, од СОНК ја обвинија министерката Ременски дека со оглед на тоа што е потпретседател на СДСМ па од позицијата на министер одработува за својата партија.
Виктор Јованов