Најавата за уништување на паркот спроти хотел Бристол ги собра граѓаните на мирен протест.
Платформата на граѓанската иницијатива „Авангарда“ заедно со жителите од околните згради кај Бристол, порачаа дека сакаат да живеат во зелено Скопје и посакуваат крај на урбаното уништување на градот. Воедно, жителите се потпишуваа и оставаа броеви кај организаторите на настанот, доколку пристигнат екипи на терен да сечат дрвја, тие да бидат мобилизирани и да излезат да ги спречат.
– Не се случи само еднаш сечење на дрвја. Секое парче го градот се уништува. Во светот, секој човек на земјата се бори за чиста средина, воздух, да се релаксира и одмори под сенка – коментира една жителка на Центар.
– Работите не одат на добро. Секаде се уништува зеленилото, наместо да се засади. Работите одат надоле и помрднување од таа точка нема – револтирано реагира уште еден граѓанин.
Од платформата „Авангарда“, која е организатор на настанот „Кислород во Центар“ објаснуваат дека имаат потполна поддршка од станарите и ќе продолжат да го бранат овој простор.
– Знаеме што ни значат дрвјата. Навидум е наивно да се протестира, но еден ден тоа ќе го чини нашето здравје. Најавено е сечење на дрвја кои ќе бидат заменети со административни згради. Жителите не сакаат за добро утро наместо зеленило, да ги пречекаат големи згради – изјави активистката Ана Малцева.
Наместо со свирежи и транспаренти, граѓанската иницијатива „Авангарда“ го изрази својот револт преку музика.
Петар Клинчарски