Наставниците и професорите од основните и од средните ушилишта бараат ставање на законот за наставници, законот за Академија за наставници и законите за основно и средно образование да се стават во мирување, додека не се донесат нови решенија врз основа на темелна анализа, потоа, целосно укинување на казните и наградите на наставниците кои се резултат од екстерните тестови, оценките од екстерно тестирање на учениците да не влијаат врз успехот на учениците, да се укине државната матура, а наместо тоа да се воведе приемен испит на самите факултети.
– Говориме во името на сите наставници да го искажеме ставот за законите кои не се донесени со наше учество и наша согласност. Говориме и во името на сите наставници што не се тука затоа што им се заканивте и им го одзедовте правото на слободна мисла, рекоа од Наставнички пленум.
На денешниот протест на Наставничкиот пленум, барањата беа поднесени во Министерството за образование и наука, кое беше чувано од силно полициско обезбедување.
-Доста беше со вашите небулозни закони, доста е со наметнување на реформи, кои не вродија со никаков плод. Повлечете ги сите ваши закони, престанете секојдневно да ни наметнувате нови уникатни изуми, ние сме чинителите на целиот образовен процес, оставете не’ да ги научиме младите како да чекорат напред. Оставете не’ да ги научиме како да создадат своја иднина, овде, дома. Повлечете ги сите небулозни закони од последните години. Доста беше!, рече Гордана Лазовска, од Наставничкиот пленум.