Малку време беше потребно да се покаже грдото лице на медиумското огледало во Македонија. Владата нуди Закон за медиуми, кој нема никаква врска со претходните договори за кои зборувавме, а нема ниту еден сериозен аргумент во негова одбрана. Ваков е ставот на претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, кој посочи дека во Македонија постои лажна слика дека се разговара за слободи и права.
Тој обвини дека дека во државата постојат институции кои не функционираат, а во практиката се спроведува авторитарен начин на владеење.
– Се однесуваме ко мало дете, кое ги затвора очите пред проблемите и мисли дека ќе одминат сами од себе – реагира Селмани.
Тој рече дека стартот на преговорите со Владата и не бил така лош. Но, Владата одлучила да не ги почитува договорите и посакала да продолжи да ги држи медиумите до себе, за да опстане на власт.
– Во новиот Закон за медиуми повеќе се зборува за ограничувања во работата на новинарите, отколку за нивна заштита. Предложениот закон ги фрла во ист кош сите медиуми (печатени, електронски, интернет сајтови), кои би требало да бидат регулирани содржните од посебно регулаторно тело. Тоа е пракса која е непозната во земјите во Европската унија. Во предложениот Закон за медиуми не пишува ниту една реченица за органичување на владините реклами во медиумите, за да не влијаат на нивната уредувачката политика. Јас сум скептичен дека овој закон може да се подобри – изјави Селмани.
Прашан за коментар како го оценува дијалогот меѓу Македонската асоцијација на новинари (МАН) и Владата, Селмани одговори дека посакува новинарската заедница да се обедини околу заедничките интереси. Тој изјави дека постои предлог за соработка со МАН, но остава времето да покаже како ќе се движат работите.
Петар Клинчарски