Со маски и ракавици најголемиот дел од граѓаните кои беа излезени во градот, но и релативно голем број без заштита на пазарите. Граѓаните велат, страв им е од вирусот, но морале да ги напуштаат домовите, за да платат сметки за струја, вода, да подмират долгови во банките или да испазарат во маркетите. Нема долги редици пред маркетите и аптеките. Поголемиот дел од нив се трпеливи во редот и не купуваат панично како пред една недела.
„Слушнав дека во оваа аптека добиле ракавици и побарзав да купам. Исто така испазарив за дома и сега немам потреба три дена да излегувам“
„Излегов да платам рата за кредит. Верувам дека оваа е минлива состојба и со Господ напред ќе се надмине и се ќе се врати во нормален тек.“
“Не трупам залихи на храна, затоа што сите основни продукти ги има во маркетите. Излегов да испазарам нешто што е неопходно, а воедно земав намирници и за мајка ми, која е повозрасна и ретко излегува од дома, поради состојбата со коронавирусот.“
Најголем дел од продавниците и дуќаните во ГТЦ се затворени, а оние кои работат велат едвај им влегуваат по двајца муштерии дневно.
„Мора да ја издржиме оваа ситација јуначки. Тешко е, нема луѓе не влегуваат, но ние работиме и мораме некако да излеземе на крај да го истуркаме месецот. Мора да собереме сили да дадеме плати на вработените“, вели еден сопственик на дуќан во трговскиот центар.
Мала фреквенција на граѓани има на зелените пазари, заради што трговците велат дека работат со скратено работно време. Дел од продавачите и трговците се со заштитни маски и ракавици, а велат и дека постојано вршат дезинфекција на просторот, но има и без никаква заштита.
„Заштита мора да имаме. Имам маска, ракавици, мора се да биде максимално чисто. Морав да се снабдам со сите заштитни средства, затоа што овде иако е намалена, сепак има фреквенција од луѓе. Дополнителна заштитна опрема набавив во продавниците за ХТЗ-опрема“, вели еден од продавачите на тезгите на зелениот пазар.
За разлика од овој трговец на зелниот пазар кој се снабдил со потребната заштита имаше и такви кои носеа маски направени од влажно марамче.
„Немам пари за маска, но сама си направив, од влажно марамче. Ја дезинфицирав со алкохол и излегов од дома. Се плашам, но морав да излезам имам сметки за плаќање“, вели една скопјанка која чекаше ред на автобуска постојка.
Меѓу граѓаните кои беа излезени да завршат некоја неодложна работа, има и такви кои не ги почитуваат мерките. Во трговксиот центар среде пладне, се шеташе повозрасна жена без заштитна маска и не сакаше да каже каде излегла во време кога е забрането движењето за овие граѓани.
„Еве си одам дома. Дома ќе си одам“, рече таа.
Во Скопје, нема раздвиженост по булеварите, улиците и плоштадите, сликата во градот создава впечаток дека граѓаните седат во своите домови и ги почитуваат мерките за превенција од коронавирусот. Велат дека полека се навикнуваат на состобата и очекуваат наскоро се да се врати во нормала.