Ги продаваме инструментите за да преживееме, близу 20.000 луѓе се оставени без егзистенција од почетокот на корона-кризата до денес, велат музичарите кои неодамна истапија со барања до Комисијата за заразни болести и до власта да се најде решение за нивната дејност, која е речиси комплетно згасната за време на епидемијата од Ковид-19. Во дебатата за „А1 он“ Гоце Стевковски, претседател на Здружението на џез-музичарите на Македонија, Петар Младеновски -Пеце, фронтмен на групата „Суперхикс“ и член на Здружението за унапредување на правата на музичарите, и Џон Илија Апелгрен, џез-вокалист, дебатираа за според нив нелогичните мерки што ги спроведува власта и селективниот однос кога станува збор за примена на мерките за заштита а од кои настрадала музичката дејност. Тие сметаат дека се колатерална штета на поединци кои не ги почитуваа мерките, како случаите со турбофолк-забавите во некои локали.
Според Стевковски, искуството на нивните колеги во Италија, која беше најмногу погодена од епидемијата, покажуваат дека од одржани 2.700 настани во периодот од јуни до септември е забележан само еден случај на заразен со Ковид 19.
„Единствениот настан во затворено на кој настапував беше концертот на ‘Архангел’ и атмосферата не беше идеална, но со максимално почитување на протоколите за заштита одржавме концерт. Не смее да има поистоветување на оние кои цивилизирано сакаат да ја одржат музиката во живот со оние кои не ги почитуваат мерките. Многу од нашите колеги не се вработени и единствен извор на егзистенција се настапите на концерти или во угостителски објекти“, вели Стевковски.
Пеце од „Суперхикс“ вели дека власта нема слух и дека нивните пет основни барања се испратени до надлежните и очекува да се најде решение.
„Ние не сме опасност за епидемијата, плаќаме даноци како сите граѓани и очекуваме дека Министерството за култура ќе ни излезе во пресрет и ќе најде начин и средства да се помогне на најзагрозените колеги. Во Нов Зеланд владата одвои 4 милјарди долари за помош на музичарите и независните уметници, така што требна само да се има слух за нашите барања“, смета Младеновски.
За Апелгрен, логика во спроведување на мерките нема и власта се однесува со двојни аршини.
„Може ли некој да ни објасни како во екот на заразата ги отворивме границите, а целосно забранивме настап на пејачи и диџеи? Каква е опасноста во локал во кој седат луѓе да има културен настап на некој бенд кој е одалечен од гостите, а дозволено е на козметичар и на фризер со непосредна близина со клиентите, мене ми се чини дека нема логика“, вели тој.