Во хотелот Александар Палас, денеска се одржа конститутивната седница на Меѓународниот сојуз за заштита на цивилно општество и социјално загрозени категории. На седницата беше усвоен Деловникот на Собранието на Меѓународниот Сојуз и беа именувани и избрани членовите на органите на Сојузот.
Деловникот како и членовите на органите на сојузот беа избрани едногласно со 40 гласа „За“ и ниту еден против. За потпретседател на Меѓународниот сојуз е избрана Јасна Мандиќ, Генерален секретар на Меѓународниот сојуз ќе биде Дијана Пелевска. Функцијата Претседател на Собранието на сојузот ќе ја извршува Агапи Дика, а за нејзин заменик е избран Александар Давидовски. Финансиски раководител и координатор на проектите на Меѓународниот сојуз ќе биде Јованка Кухар.
Според потпретседателот на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, мисијата на сојузот е револуционерни измени коу му се потребни на општеството во поглед на хуманоста која треба да се истакне кон граѓаните на кои навистина им е потребна помош.
– Моделот на успешните е да водат, да се разликуваат и да испорачуваат. Ќе овозможиме сервис и поддршка кои што ќе бидат долгорочни, кои што ќе бидат суштинско решение на индивидуално и групно ниво. Тие сервиси ќе се базираат на едукација, доедукација и озанатување, рече Мандиќ.
На конститутивната седница се обрати и претседателот на Меѓународниот Сојуз, Бојан Јовановски, кој изјави дека Меѓународниот сојуз ќе делува и како ад хок тело кое ќе им помага на луѓето кои во моментот имаат финансиски проблем за некако лекување или пак елементарна непогода.
– Ние не сакаме да бидеме никаква паралелна институција или паралелно министерство за труд и социјална политика. Затоа го повикувам и ресорното министерство за труд и социјална политика на сериозна соработка поради тоа што на нам ни е потребно исто како и на нив затоа што праксата од изминатите години покажува дека сите тие институции се троми и спори во своето делување и затоа конкретните работи не стигнуваат до луѓето каде што е потребно, рече Јовановски.
Свое обраќање на конститутивната седница имаше и почесниот претседател на Меѓународниот сојуз, пратеничката Фросина Ременски која изјави дека амбицијата на сојузот треба да се поттикне и поддржи.
-Меѓународниот сојуз само во овие неколку дена направи забележливи резултати, мисијата од секогаш функционирала, но она што е многу важно е што веќе се прават сериозни чекори во создавањето на партнерските односи помеѓу Меѓународниот сојуз, невладините организации, владините тела, државните институции, бизнис заедницата и сите оние кои што се гледаат во оваа мисија и сакаат да придонесат кон каузата на сојузот, а тоа е еднакво општество и подигање на свеста на граѓаните на Република Македонија за солидарност на сите граѓани без разлика на нивната припадност, рече Ременски.
Виктор Јованов