Од 2-ри до 5-ти јули се одржува младинскиот работен семинар во Охрид, во организација на Социјалдемократската младина на Македонија и „Прогрес – Институтот за социјална демократија”, со поддршка од холандската фондација „Макс Ван Дер Штул“.
„Оваа година имаме бројни обуки со предавачи, кои имаат за цел да ги обучат младите за понатамошно политичко делување во рамки на младината и партијата, а на наше огромно задоволство поради политичката ситуација на овој летен семинар имаме поддршка и од меѓународните организации во кои членуваме. Така, денес со нас е и Евин Инчир, генерален секретар на Меѓународната унија на социјалистичката младина, како и Нина Живановиќ, генерален секретар на Млади Европски Социјалисти.
Денеска усвоивме и резолуција за поддршка на СДММ, за поддршка на СДСМ и за поддршка на опозицијата и граѓанскиот сектор во Република Македонија. Уште еднаш покажавме и докажавме дека на светот му е јасно дека во Македонија владее авторитарен режим, нешто што е недозволиво да се случи во срцето на Европа, на Балканот. На сите им е јасно што се случува и на сите им е јасно дека ова повеќе не е битка помеѓу власта и опозицијата, туку ова е битка на сите слободоумни граѓани против неколкумина во ВМРО- ДПМНЕ“, вели Стефан Богоев, претседател на СДММ.
„Наша задача како социјалдемократи е да бидеме тука. Но пред се, не да ги учиме нашите другари и другарки од Македонија како тоа се прави (како да се бориш за слобода и демократија), тие многу добро знаат, туку да ги прашаме што е тоа што ние може да го направиме додека сме тука, но исто така кога ќе одиме и во нашите земји. Бевме тука кога беше организиран и големиот протест во Скопје, да изразиме солидарност и поддршка. За нас е многу важно да знаеме дека во Македонија постојат луѓе, кои се спремни `се друго да стават на страна и приоритет да им биде борбата за демократија“, рече Нина Живановиќ, генерален секретар на Млади Европски Социјалисти.
„За жал, ние сме тука во ситуација на криза заради кршењето на човековите права, на демократијата, кршењето на фундаменталните права на граѓаните на Македонија. Но ние сме тука да покажеме наша солидарност и да покажеме дека граѓаните на Република Македонија, нашите пријатели од СДММ, не се оставени сами на себе. Без разлика, каде и да сме низ светот, ние сме дел од вашата борба. Ние ја истакнуваме битката што вие ја водите, во нашите земји, на европско и меѓународно ниво“, изјави Евин Инчир, генерален секретар на Меѓународната унија на социјалистичка младина (IUSY).