„Коце Трајановски со години не направи ништо за намалување на загаденоста на воздухот во Скопје. Напротив.
Извршителот на Груевски, Коце Трајановски со масакарот на дрвата во Скопје допринесе за зголемување на загаденоста во главниот град“, рече на денешната прес конференција Дамјан Манчевски, координатор на Советничката група на СДСМ и коалиционите партнери во Советот на Град Скопје.
„Денеска ќе го прашаме човекот кој се уште се претставува како градоначалник на Скопје, кои се итните и вонредни мерки, за итната и вонредна ситуација со која се соочуваат граѓаните?
Со оглед на тоа што на оваа тема повеќе пати го имаме прашувано Коце Трајановски и тој до сега нема превземено апсолутно ништо, советничката група на СДСМ и коалицијата бара итна вонредна седница на Советот на Град Скопје, со единствена точка на дневниот ред: воведување на вонредни мерки за намалување на загаденоста на воздухот.
Бараме вонредната седница да се одржи во деновите помеѓу новогодишните и божиќните празници.
На вонредната седница, ќе бараме да се усвојат предлог вонредни мерки со кои загаденоста времено би се довела во понормални рамки. Некои од нив се:
• Итен прекин на сите градежни активности во Скопје.
• Бесплатен јавен превоз за сите граѓани во деновите на екстремна загаденост.
• Воведување на пар – непар систем на возење за возилата.
• Вонредни контроли и доколку е потребно времено запирање на работата на сите субјекти кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола.
Овие мерки би биле на важност се додека вредноста на индексите на загадувањето не се намалат во законски предвидените рамки.
Воедно, ќе побараме и амандмани на Буџетот на Град Скопје за 2016 година, за воведување на мерки и политики кои долгорочно би помогнале во намалувањето на загаденоста на воздухот што го дишат скопјани. Ќе побараме субвенции за граѓаните за чисти извори на енергија, енергетска ефикасност, велосипеди, и сл.
Коце Трајановски покажа и докажа дека не го интересира најголемиот проблем на скопјани, а тоа е загадениот воздух. Затоа ние, советниците од Советот на Градот мораме да застанеме заедно со граѓаните во одбрана на основните услови за живот, како чистиот воздух. Затоа, граѓаните на Скопје немаат никаква потреба од Коце Трајановски. Затоа, тој мора да поднесе итна и неотповиклива оставка“, изјави Манчевски.