„Поранешниот премиер Никола Груевски не може да се помири со реалноста и се обидува преку своите послушници да продолжи со геноцидот врз граѓаните на Скопје. До сега Груевски и фамилијата потрошија 630 милиони евра за споменици, за Скопје 2014.
Веќе е објавено дека ќе се потрошат нови 35 милиони евра за барокна зграда за НБРМ. Секоја година преку градот Скопје троши тешки милиони за барокни фасади, при што не го решава проблемот со енергетската ефикасност на зградите“, рече потпретседателот на СДСМ и координатор на Советничката група на СДСМ и коалиционите партнери во Советот на Град Скопје, Дамјан Манчевски.
„Само оваа година за нови барокни фасади ќе се потрошат 5,7 милиони евра. Тоа се пари од сите граѓани на Македонија, бидејќи ги обезбедува Владата.
На денешната седница Коце Трајановски уште еднаш ќе потврди дека не е градоначалник на Скопје. Коце е само слеп извршител на бандата на поранешниот премиер Никола Груевски, Мијалков и Ставрески.
Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да донесат одлука за менување на фасадите на зградите во барокни на следните улици: бул. Св. Кирил и Методиј, бул. Св. Климент Охридски, бул. Гоце Делчев, бул. Крсте Петков Мисирков и бул. Кочо Рацин. Дополнително се менуваат фасадите и на сите преостанати згради на ул. Македонија.
Ова е огромно зголемување на опфатот. Ова е болно. Ова е еднакво на лудост. До сега на менување на барокни фасади се потрошени над 10 милиони евра. Ова неколкукратно зголемување на опфатот, овие нови бројни згради кои треба да се „пресоблечат“ во барок, ќе значат нови околу 50 милиони евра за раскошот и луксузот на Никола Груевски и Коце Трајановски.
Заради болната опсесија на Никола Груевски со раскош и луксуз, заради Скопје 2014, граѓаните на Скопје нема да добијат пари за:
• дополнителни мерки за борба со загадувањето на воздухот;
• нови училишта и градинки;
• лекување на тешко болни деца во странство;
Со 630 милиони евра кои до сега ги потроши на Скопје 2014, поранешниот премиер Груевски можеше:
• Да изгради 80 нови и опремени амбуланти низ цела Македонија чинат околу 20 милиони евра.
• Да изгради цел нов Клинички центар кој не надминува 130 милиони евра.
• Да изгради 10 нови клинички болници во поголемите градови во Македонија за што се доволни 300 милиони евра.
Дополнително, ќе останеа 150 милиони евра за целосно нова опрема за здравството.
За Никола Груевски и Коце Трајановски, животот и здравјето на граѓаните не е важно. За нив се важни само тендерите и провизиите од споменици тешки 630 милиони евра. Никола Груевски поднесе оставка и ќе одговара за своите злодела.
На ред е Коце Трајановски. После оваа одлука за нови барокни фасади денес, Коце Трајановски треба веднаш да поднесе оставка и да се соочи со граѓаните на Скопје на избори“, изјави Манчевски.