Група македонски туристи вечерва со страв се враќаат од празнична посета на Истанбул.
Причината е што автобусот на агенцијата „Ганиќ ексклузив“ постојано прегрева, па мораат да застануваат цело време за да има време да се излади моторот и да можат да го продолжат патувањето кон Скопје.
Патничка во автобусот за А1он раскажува дека најпрво 5 часа чекале во Истанбул да тргнат, механичарите кои се обиделе да го поправат автобусот рекле дека не е во ред возилото, и ќе мораат полека да возат кон Македонија.
Дел од патниците, меѓу кои има и деца, но и пензионери, се јавиле кај сопственикот на агенцијата, кој им рекол дека нема никаков проблем со автобусот.
Ароганцијата на сопственикот на туристичката агенција кој им спуштил телефон создаде дополнителен револт кај патниците кои не се чувствуваат безбедни и се молат здрави и живи да стигнат во земјава. Сепак, патници има и од други градови во Македонија, не само од Скопје.
Информациите кои ги има А1он се дека возач на автобусот кој постојано мириса на изгорено е постар човек, а со него има помлад возач кој сега го учи патот кон Истанбул. Автобусот е полн со вода во долниот дел, цело време доставаат вода штом се прегрее.
Има информации од патниците во автобусот дека до споменатата агенција и претходно стигнувале тужби за недоследности во превозот, но веројатно патниците кои ја преживуваат голготата вечерва ќе срочат заедничка тужба до агенцијата и нејзините сопственици поради ризикот на кој ги изложуваат, па мора постојано да застануваат за да не дојде до поголем дефект.
Една од патничките во автобусот сакала да го пријави дефектот на турско – грчката граница, но останатите не и дозволиле, само за да можат да стигнат во земјава.