„Минатата недела Либерално-Демократската Партија излезе во јавноста со соопштение односно со прашање до поранешниот премиер јавно да каже колку тежи неговиот имот. По 10 поминати дена од тоа соопштение, јавноста сеуште не доби одговор на прашањето “Колку е богат Никола Груевски”?.
На сајтот на државната комисија за спречување на корупција не може да се пронајде анкетниот лист на Груевски, и затоа потсетуваме дека Управата за јавни приходи има законска обврска да спроведе постапка за испитување на имотната состојба против лице кое не дало податоци и не приложило анкетен лист“; изјави Филип Јаневиќ – потпарол на ЛДП.
„Либерално-демократската партија, бара отчет од поранешниот премиер, Никола Груевски, колку тежи неговиот личен и семеен имот, после десет години владеење во Р. Македонија.
Груевски, за кого сите знаеме дека милува, често да дава отчет што се сработил , дури да брои фингирани проекти, фантоми, пензионери што одат на скијање, сега сметаме дека е време да каже јавно пред македонските граѓани колку се збогатил за годините додека беше на чело на Владата на Р. Македонија.
„Транспарентноста“ на Груевски треба да подразбира што поседува тој во моментов како и со колкав имот располагаат неговиот брачен партнер и родителите.
Ваков отчет бараме и од неговите најблиски соработници, осомничени во случајот „Титаник“, поранешните министри Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески. Нивното заминување од Владата во никој случај не подразбира дека треба да го стават под тепих, анкетниот лист за нивната имотна состојба.
Според Законот за спречување на корупцијата (член 33), носителите на јавна функција имаат обврска во рок од 30 дена од стапувањето на должност да пополнат анкетен лист за имотната состојба. Истото важи и при напуштањето или преземањето на нова функција. Врз основа на тие податоци се следи, дали во текот на мандатот функционерите драстично го зголемиле својот имот и доколку станале премногу богати, дали тоа го направиле на незаконски начин.
Случајот со откривање на оф-шор сметките од Панама покажа дека светската јавност е заинтересирана за парите на функционерите од нивните земји. По една деценија режимско владеење македонската јавност го има секое право да ја дознае имотната состојба на своите функционери“, вели Филип Јаневиќ.