Годинешниот Саем на книгата го сврте вниманието кон штандот на издавачката куќа „Ѓурѓа“ каде што е изложена книгата на експремиерот кој избега во Унгарија и доби азил. На насловната страна е ликот на Никола Груевски и насловот – „Поглед во иднината“. Голем дел од љубопитните купувачи, ја одминуваа разочарани бидејќи содржината на книгата не се однесува на бегството на поранешниот македонски премиер туку на економска тема – неговата докторска дисертација.
Печатењето на ова издание не е поддржано од Mинистерството за култура а издавачот Никола Костески ни рече дека договорот за книгата со Груевски го направиле пред неколку месеци. Тој ни изјави дека него како издавач го интересира продажбата, а секако е горд и на содржината на книгата бидејќи докторати кај нас ретко се објавувале.
Продажбата на оваа книга која чини 300 денари сепак оди добро а на штандот на „Ѓурѓа“ меѓу шаренилото од наслови се и книгата на уште еден поранешен премиер Љубчо Георгиевски но и две книги од Адолф Хитлер. Во нивно издаваштво е и книгата „Зборови што го менуваат светот“ – политички цитати од рускиот претседател Владимир Путин.
Заедничко за сите овие книги, освен издавачот е и фактот што на дизајнот на насловната страница може да се види нагласен и впечатлив портрет на сите овие личности. Во случајот со книгата на Груевски, под сомнеж се доведува зошто неговиот лик е на насловната страница кога книгата е со економска, а не со биографска тематика.
Издавачот не сакаше да коментира каква е издавачката политика и дали тие фаворизираат наслови на и за политички лидери поврзани со низа контроверзии во нивното владеење. Сепак годинешниот Саем на книгата има голема и разновидна понуда од стручна литература до најнови преводи на светските бестселери, детска литература и секојдневно се организираат промоции на кои присуствуваат и авторите.
Ана Василевска