Новинарите не можат самите да се изборат за поголема слобода на медиумите, потребна е поширока мобилизација како политички чин и меѓу новинарите од провладините медиуми има потенцијал за повторно освојување на слободата на изразување.
Не постои земја во Европа каде се промовираат идеи како тоа што владата го прави на домашните медиуми. Владините реклами се главен механизам на замолчување на медиумите – ова беа дел од темите за кои денеска проговорија новинари, активисти, експерти за медиуми на промоцијата на публикацијата „Збор и слобода“.
Артан Садику рече дека е невозможно новинарите самите во општеството да се изборат за поголема медиумска слобода.
-Сакаме да ги истражиме можмите стратегии на политичка интервенција во состојбата која се однесува на слободата на изразување на новинарите. Кога постои проблем во таков обем како што е во новинарството кај нас, секош мора да има политичка позадина која мора да се адресира, рече Садику.
Новинарката Мери Јордановска смета дека намерно се оставаат неколку критички медиуми полека умираат финансиски истоштени, што е садистички, како што рече.
-По А1 телевизија, сфатија дека тој метод не оди и дека не функционира – влези, затвори го медиумот. Па така, сè почна со принципот на давање реклами. Мислам дека прв пат во светот се случува одговорот на прашањето каде се одлеваат пари од буџетот да се третира како интерна информација за која е потребен безбедносен сетификат. Тоа се случи кога прашавме: Во кои медиуми одеше кампањата за семејни вредности, а штом нешто толку се крие раѓа сомнеж за корупција. Тоа ќе трае се’ додека не се забранат владините реклами да одат медиумите, рече Јордановска.
Претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаусидис, рече дека дека социјалниот статус на новинарите е она за кое треба да има борба, дека тоа е начинот на кој новинарите се држат деградирани.
-Условите за работа се методот број 1 за замолчување на новинарите, рече Чаусидис.
Таа говореше и за разликата помеѓу пропагандата и новинарството. Граѓанскиот активист Васко Лазаревски смета дека власта намерно остава дел од медиумите за да се создаде привид дека има слобода на изразување.
-Новинарите што работат на тоа да се слушне гласот на вистината, се веќе активисти за слободата на изиразувањето, свесно или несвесно, рече Лазаревски.
Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, го истакна примерот дека Македонија е единствена земја во Европа каде се рекламираат идеи.
-Такво нешто не постои никаде, постојат формулации за општо добро, а секоја национална телевизија и по некоја од приватните, е должна да одвои бесплатни минути за рекламирање на тие пораки од доменот на општо добро. наместо да бараме поголема транспарентност, треба да се фокусираме на овој член од законот за медиуми кој дозволува рекламирање на „идеи и други вредности“, рече Колозова.
Во книгата „Збор и слобода“ се поместени текстови на Бесим Небиу, Ѕвездан Георгиевски, Рамадан Рамадани, Артан Садику, Тамара Чаусидис, Уранија Пировска и други.
Зборникот е подготвена од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи од Гостивар и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), кој во изминатите шест месеци го реализираше проектот „Градење на алијанси за слободно новинарство и демократско општество“ во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
А.Б.