(ВИДЕО) Ковачевски: СДСМ е најголемата и единствена автентична социјал-демократска партија во Македонија

Од:

Во вечерашното обраќање на митингот во Драчево, општина Кисела Вода, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Коваечвски, посочи дека СДСМ е најголемата и единствена автентична социјал-демократска партија во Македонија.

„За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек – партија, СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени. Нас нѐ водат социјал-демократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија. Не се откажуваме од тоа, СДСМ е цврста и силна партија. Ќе продолжиме да се бориме за овие вредности“, порача претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Ковачевски.

Ковачевски во обраќањето додава дека СДСМ не прифаќа условувања и со никого нема да прави политички дилови, затоа што ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување.

„Да одговорам на она писание кое го има напишано субјектот ЗНАМ до јавноста. Прво, раководството на СДСМ го бираат членовите на СДСМ, кои се наследници и на НОБ и на АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов. Второ, носителите на пратеничките листи и сите кандидати на пратеничките листи на СДСМ и на коалицијата се излезени на избори за да ја претстават програмата на СДСМ и на политичките партии кои ја сочинуваат коалицијата и со таа програма, со тие луѓе, со тие претставници на социјалдемократската идеја ние го бараме гласот на граѓаните“, изјави претседателот Ковачевски.

Ковачевски вели дека не се излезени на избори за да враќаат стари долгови и да му помагаат на ВМРО-ДПМНЕ и на Гордана Сиљановска.

„Но, една работа ќе им порачам, на крајот на денот предавникот не го сакаат дома, меѓутоа уште помалку го сакаат надвор од дома. Затоа ве уверувам дека на крајот на денот, ќе ги гледате стуткани во некој ќош, во една клупа, таму во Собранието на Македонија, како седат во последна клупа со наведнати глави, изгубени од својата идеологија и застанати заедно со наследниците на Ванчо Михајлов“, порача Ковачевски.

Ковачевски вели дека се фокусирани да го постигнат најдобриот резултат на претстојните избори на 8-ми мај и ги повика на мобилизација сите демократски и прогресивни сили за да се спречи враќањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние не се откажуваме од Македонија во ЕУ! Верувајте, тоа не е цел сама за себе! Нашиот план за европска Македонија е преточен во конкретна и остварлива програма“, им посочи на присутните граѓани претседателот на СДСМ.

„Ги повикувам сите граѓани, ги повикувам сите наши симпатизери, сите наши гласачи, сите оние кои што гласаа за нас во првиот круг и сите оние кои што беа разочарани во првиот круг: гласајте за СДСМ! Немојте да ве залажува некој кој што со лажна реторика себе си се претставува како наследник на Христијан Тодоровски – Карпош, а од друга страна прави пакт со наследниците на Ванчо Михајлов да ве излаже. Едно такво лажење Македонија виде во 2006 година и видовте каде завршвиме“, посочи Ковачевски на вечерашниот митинг и додаде дека на 8-ми мај сите заедно одлучуваме каква иднина ќе градиме за нашите деца и внуци.

„СДСМ не прифаќа условувања и со никого нема да прави политички дилови. Ова е прашање на иднината на државата и со неа, нема тргување. Фокусирани сме на тоа да го постигнеме најдобриот резултат на престојните избори на 8-ми мај и повикуваме на мобилизација на сите демократски и прогресивни сили за да се спречи враќањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ“, посочува Ковачевски.

Ковачевски додава и дека СДСМ е единствената политичка партија која никогаш нема да се откаже од својата инклузивност и која во континуитет придонесува за мултиетничкиот карактер на Македонија.

„ Деновиве, за жал, слушам опасни наративи кои може лесно да разгорат меѓуетничка нетрпеливост. Лидерите на ВМРО и на ДУИ и претседателскиот кандидат Давкова се однесуваат во најмала рака неодговорно и кон државата и кон граѓаните. Им порачувам на Мицкоски и на Ахмети и на Давкова – граѓаните се свесни за вредноста на мирот и стабилноста што ги гради СДСМ, граѓаните знаат дека на сите нѝ треба европска иднина, а не враќање 20 години во закопаното минато. Престанете да се препукувате со штетни скандирања и закани, кои никому не му носат добро“, изјави претседателот Ковачевски и порача дека тие како политичари, треба да се грижат за иднината, а не за враќање кон минатото.

„Ние нема да ви дозволиме да си играте со европската иднина на нашите деца! Граѓаните нема да ви дозволат да се коцкате со нивната иднина“, порача од митингот Ковачевски.

Ковачевски додаде дека доколку десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ добие преголема моќ, тоа ќе ги „убие“ ЕУ перспективите на државата.

„Затоа, ги повикувам сите прогресивни граѓани кои ѝ мислат добро на државата, да излезат на изборите на 8-ми мај и да изберат европска иднина со СДСМ и коалицијата, да гласаат ЗА Стево Пендаровски за Претседател и да им кажат одлучно НЕ на деструктивните сили кои заговараат внатрешни конфликти, поделби и надворешни изолации и блокади“, заклучува Ковачевски од митингот во Драчево.

Би можело да ве интересира

Ковачевски го призна поразот: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Ковачевски: Oва е последниот повик за Европа, ние не се откажуваме!

Горан Наумовски

Ковачевски за Ден на македонскиот јазик: Македонскиот јазик денес е на исто рамниште со официјалните јазици во ЕУ, тој е темел на нашиот идентитет

(ВИДЕО) Ковачевски: СДСМ мора да биде силна во Собранието, преголема моќ кај ДПМНЕ ќе значи и крај на нашите ЕУ перспективи

А1он

(ВИДЕО) Ковачевски: Најлесно е да се гласа против, само со глас За може да одиме напред кон просперитет

А1он

Ковачевски: Тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите