(ВИДЕО) Ковачевски од Гостивар: Ние не се откажуваме и нема да се откажеме

Од:

СДСМ е силна партија и ако некој мисли дека туку така ќе се откажеме тогаш или не не познава или не потценува. Нашата историска традиција и нашиот пркос, но и нашата одлучност за евроатлантска иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние не се откажуваме и нема да се откажеме, порача лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски од вечерашниот митинг во Гостивар.

-Ви порачувам дека СДСМ никогаш нема да се откаже од своите вредности. СДСМ секогаш била рамо до рамо со граѓаните и за време на сите економски, здравствени и енергетски кризи. Се согласувам дека грешките повеќе ги паметиме. Знам дека ниту на вас граѓаните не ви беше лесно во последните години. Но, ние во ниту еден момент не се откажавме од вас и успеавме да се избориме со енергетската и економската криза. Затоа вечерва барам вие да не се откажете од нас, рече Ковачевски.

Нагласи дека заедно со граѓаните успеале да го срушат режимот на ВМРО-ДПМНЕ и, како што рече, да ја ослободиме државата од канџите на ВМРО после 11 години изолација.

-Со ваша поддршка ја внесовме Македонија во НАТО и донесовме тешки одлуки по 30 години да отпочнеме преговори со ЕУ. И СДСМ е единствената политичка сила која знае како да го направи тоа. Затоа бидете сигурни дека заедно со граѓаните со гордо крената глава на 8 мај повторно ќе излеземе на избори и повторно ќе кажеме – да, ние сме тие кои сме за прогресивна, напредна европска Македонија, посочи Ковачевски.

Во средата на првиот круг од претседателските избори, додаде, граѓаните ни испратија силна порака.

-Таа порака ја слушнавме, ја прифаќаме одговорноста и свесен сум и јас, но треба да биде свесен секој член на СДСМ, секој функционер кој ја претставувал партијата во изминатите седум години дека е ова оценка за сите. Ова е оценка за однесувањето на сите, ова е оценка за тоа како работеле и ова е оценка за тоа како се однесувале и кон своите соседи и кон своите пријатели и кон пошироката јавност,… Нас ни е совршено јасно дека партијата треба да се менува за да ја вратиме довербата на граѓаните. Како човек кој во животот и во кариерата се соочил со многу победи и со порази, добро знам дека првиот чекор кон промена е прифаќање на сопствените грешки, истакна Ковачевски.

Изборите на 8 мај, потенцира, ќе бидат многу тешки за сите.

-Но, ние сме ја имале вашата поддршка и кога било најтешко и ве потсетувам дека резултатот се уште не е одлучен. Порешителни и пообединети од кога било ќе продолжиме да се бориме и да ја оствариме нашата заложба да ја видиме Македонија во ЕУ, потенцира Ковачевски.

Славјанка Петровска, носител на листата во ИЕ6 порача дека не бегаат од тешките прашања, но и не ги негираат ни грешките.

-И ние сме луѓе од крв и месо и нас не болат неправдите кои доаѓаат однадвор и сите тешки одлуки и за името, и за односите со соседите. И сето тоа и нам ни тежи на душа, но ние немаме право да ве лажеме дека има успех без цена за нашата Македонија да дојде таму каде што природно припаѓа – во цивилизирано, европско семејство со висок стандард, со плати со кои ќе може да се живее нормално, а не да се преживува. Со еден збор, за човек кој легнува и се буди среќен и задоволен што живее во оваа земја не ковајќи планови да замине од неа, рече Петровска.

За сето ова, нагласи, потребно е да не губите надеж во единствената опција која ова јасно го кажува – Гостивар, Македонија за неколку години да станат дел од ЕУ и заедно да растат и стандардот и платите и нашите деца и нашите внуци покрај нас.

-Од тука ќе ја испратам пораката до оние кои себеси се нарекуваат патриоти, а истовремено мјаукаат. Патриотизам не е да го избришете Македонија од вашиот статут, патриотизам не е да не знаете како се вика вашата држава. Тоа е кукавичлук. Тоа е предавство и затоа уште повеќе ќе се борам за Македонија да биде и членка на ЕУ и да бидеме горди на сето тоа што сме го постигнале досега, рече Петровска.

Ема Нешковска, кандидат за пратеник од Гостивар порача дека на изборите на 24 април СДСМ ја прими пораката од граѓаните и го слушна нивното размислување.

-Ги прифаќаме грешките од минатото и не се изземаме од одговорноста за нив. Сведоци сме и гледаме дека наши доскорешни сопартијци и другари се приклучуваат кон политичко движење кое очигледно му помага на ДПМНЕ да ги оствари своите интереси и цели. Истите со кои заедно крваревме и со кои се боревме за слобода, во тоа нема идеологија, нема визија и нема план за иднина. На 8 мај почнуваме од нула, а секој глас даден за СДСМ и за коалицијата „За европска иднина“ значи спречување на авторитарна власт и спречување на нов силен режим во државата, посочи Нешковска.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Ковачевски: Гледаме политички пазар, без јавна дебата, за зголемување на државната управа

Горан Наумовски

Ковачевски официјално се повлекува од функцијата претседател на СДСМ

Горан Наумовски

Ковачевски го призна поразот: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Ковачевски: Oва е последниот повик за Европа, ние не се откажуваме!

Горан Наумовски

Ковачевски за Ден на македонскиот јазик: Македонскиот јазик денес е на исто рамниште со официјалните јазици во ЕУ, тој е темел на нашиот идентитет

(ВИДЕО) Ковачевски: СДСМ мора да биде силна во Собранието, преголема моќ кај ДПМНЕ ќе значи и крај на нашите ЕУ перспективи

А1он