Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски придружуван од заменик-министерот Агим Нухиу денеска ги разгледа просторните можности и условите за работа на полицајците од Полициска станица „Јегуновце“ во рамки на проектот „Опремена полиција, безбедни граѓани“.
– Новата зграда на ПС „Јегуновце“ е изградена во 2015 година, но таа не беше опремена со потребните средства. Но, затоа ние сега успеавме целосно да ја опремиме со што се придонесува за подобрување на условите на полицајците, а со тоа и за зголемена безбедност на граѓаните во државата. Ова ќе остане наш приоритет и за 2018 година за обнова и градба на нови објекти на полициски станици, опремување и подобрување на условите за работа на полицајците во сите општини низ државата, рече Спасовски.
Објектот во Јегуновце е изграден и опремен со средства на МВР со вкупна вредност од 20.629.000 денари, а вкупната површина на објектот е 442 метри квадратни.
Во буџетот на МВР за 2018 година одвоени се 30 милиони денари со кои ќе бидат уредени и реконструрани полициските станици во државата, со цел да се обезбедат максимални услови за работа на полициските службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање за кривичната пријава што денеска ја поднесе СВР Тетово против лице од Тетово кое измамило граѓани нудејќи им работа за пари, повикувајќи се на контакти токму со министерот Спасовски, притоа стекнувајќи се со имотна корист од вкупно 1980 евра, 100 американски долари и 37.000 денари, министерот Спасовски рече дека ова треба да биде јасна порака дека било каков облик на криминал ќе биде веднаш санкциониран.
„Ефикасно го решивме овој случај и ова е порака дека борбата против кримналот и корупцијата не е само декларативна туку ефикасна. Ги повикувам граѓаните доколку било кој се претставува во било чие име од државните функционери или доколку тоа го прави и некој носител на било каква функција, веднаш да пријават и да соработуваат со македонската полиција.Овој случај во Тетово треба да биде порака и до сите граѓани, меѓутоа и порака до сите функционери дека МВР нема да толерира никаков криминал“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски оствари средба и со градоначалникот на општина Јегуновце Дарко Блажески, на која се разговараше и за соработката меѓу полицијата и локалната самоуправа.