Наследните решенија од ДУП-от од претходната владејачка гарнитура во Општина Центар се вон јавниот интерес и мора да се повлечат, велат граѓаните на Дебар Маало кои целосно го поддржуваат градоначалникот Андреј Жерновски да ги сопре предвидените скандалозни градби.
Според нив, наместо на државните земјишта да се градат паркови и зелени површини, тие се користат за градење на згради и улици. Тие велат дека овие решенија ја деградираат животната средина и го намалуваат квалитетот на живеење, добиваат слаба струја и вода, непристапност на прва помош и пожарна и недостиг на зелени површини и игралишта за деца.
– Градоначалникот ја има нашата целосна поддршка. Укажуваме пред градоначалникот, пред изготвувачот на планот „Билд“ и пред стручната комисија, дека бараме планот да се повлече од процедура и да се врати во нацрт фаза, вели Светлана Карбевска од здружението на граѓани „Во одбрана на Дебар Маало“.
Инаку, активистите и градоначалникот веќе имаат потпишано меморандум, а во еден од анексите стои и дека треба да се направи попис на дрвјата во Дебар Маало, меѓу кои и оние во дворот на Министерството за култура.
– Нашите активисти попишаа дел од зеленилото во крајот. Министерството за култура не дозволи да се попише зеленилото во нивниот парк. Тој парк е затворен за граѓаните и покрај нашите барања да се овозможи во него да си играат деца, рече Карбевска.
Александар Тодески