Без да се исполнат барањата на граѓаните, тие нема да се тргнат од улиците и нема да се оствари нормална атмосфера за функционирање на институциите и одржување на било какви избори, смета директорката на Фондацијата отворено општество Македонија, Фани Каранфилова Пановска.
Таа ги истакна петте барања на граѓаните и кажа дека без учество на граѓанскиот сектор, не може да има преговори за нов датум за избори.
– Првото барање е итно отповикување на одлуката на таканаречениот претседател за аболирање на 56 луѓе кои што се сомничат за кривични дела меѓу кои и клучни сомнежи, односно лица кои што се сомничат за изборна измама. Зошто оваа аболиција, скандалозна одлука на таканаречениот претседател ја донесе Македонија во оваа фаза за која што мислам дека нема враќање, или одиме кон демократија или во Македонија ќе има отворена диктатура. Аболицијата е скандалозна затоа што значи суспендирање на правната држава. Аболицијата е скандалозна затоа што е директно погребение на Договорот од Пржино и е скандалозна затоа што оневозможува било какви избори кои што ќе бидат регуларни, фер и демократски. Таа мора итно да се повлече, граѓаните тоа го бараат и нема да се откажат додека тоа не се случи, вели Каранфилова Пановска.
– Второто барање е одложување на датумот за избори. Избори на 5 јуни е невозможно. Избори на 5 јуни ќе бидат бојкотирани од демократската јавност во Македонија. Не е важно дали овие избори ќе ги бојкотира СДСМ или другите политички партии, целата демократска јавност ќе ги бојкотира овие избори, тие ќе донесат пролонгирање на кризата и нејзино продлабочување. Кога станува збор за одложување на избори, сакам само да кажам дека граѓаните не разговараат за датум на избори. Тие не сакаат да кажат кога е тој датум, тоа време во кое ќе може да се спроведат демократски избори, граѓаните велат бараме реформи, а потоа датум за избори. И затоа, онаа неофицијална информација од вчера дека почнуваат да разговараат политичките партии со меѓународната заедница и меѓу себе за датум во октомври, сакам да порачам во мое име и во името на граѓаните дека не е решение. Таквата евентуална одлука за избори во октомври нема ништо добро да и донесе на Македонија затоа што реално време за исполнување на реформите нема и институциите кои што треба да ги сработат реформите и за Избирачкиот список, и за реформите во медиумите и за одвојување на партијата од државата, вака како што се концепирани, тоа не може да биде. Затоа велиме дека прв приоритет треба да бидат реформите, истакна директорката на ФООМ.
– Третото барање на граѓаните се однесува на тоа дека во било каков формат на политичките партии треба да имаат свој глас граѓаните. Тие апелираат дека сите оние кои што беа вклучени во Договорот од Пржино, значи политичките партии и меѓународниот фактор се обврзани да најдат механизам како ќе го вклучат граѓанското општество во понатамошниот процес на разрешување на кризата, кој што ќе подразбира можност за давање предлози, насоки и идеи околу концептите на реформите од страна на граѓанското општество и механизам кој што ќе обезбеди граѓаните да гарантираат дека тоа што е зацртано ќе се оствари во времето што е дадено. Во спротивно, договори со поинакви механизми сметаме дека не може да има, вели Каранфилова Пановска.
– Четвртото барање се однесува на свикување на Собранието во најбрз можен рок, формирање на ново мнозинство кое ќе избере експертска влада, преодна влада која ќе биде подготвена да ги исполни сите реформски приоритети пред се нотирани во извештајот на експертската група на Прибе. Тоа е цел пред се, а не десните реформи поврзани исклучиво со изборниот процес. Искуството покажа дека фокус кон реформите што значат прочистување на избирачкот список и на медиумите не е доволен, односно онаа компонента која што значи одвојување на партијата од државата бара фокусирање на остатокот од итните реформски принципи, а пред се деполитизација на судството, деполитизација на јавната администрација, јакнење на капацитетите на регулаторните и независните тела кои што навистина независно и професионално ќе ја вршат својата работа, смета Каранфилова Пановска.
– Петтото барање е формирање на специјално одделение во рамки на Кривичниот суд кој што ќе ги процесира сите постапки од Специјалното јавно обвинителство, законски можности за тоа има. Се покажа дека капацитетите во нашето судство за жал не овозможуваат независно постапување по тоа што го работи Специјалното јавно обвинителство, а СЈО пак, од тоа што го гледаме на улиците секој ден, во моментот можеби е единствената институција која што ја ужива довербата на граѓаните, вели директорката на ФООМ.
Граѓаните сметаат, вели таа, дека е неминовно, колку и тоа да не оди во нивни прилог, Уставниот суд да се произнесе по иницијативата за уставност на СЈО.
– Ајде да се произнесе Уставниот суд за оваа иницијатива претходно, па да ги изнесеме работите на виделина. Уште сега ќе го прогласат СЈО како неуставна категорија или можеби ќе се премислат, но тоа не смее да оставиме да биде џокер во ракавот на режимот да го употреби во првиот момент кога ќе има потреба, вели Каранфилова Пановска.
Според неа, граѓаните кои протестираат се различни по возраст, пол, етничка припадност, сексуална ориентација, различни се по тоа на која политичка партија и ја искажуваат својата доверба, по своите политички ставови и така натаму, и затоа ги личи да прават една шарена револуција.
– Овие граѓани на страна од нивните разлики се сплотени и обединети во една работа, а тоа е борба против режимот кој што долги години, да не кажам цела деценија ја угнетува правдата, ги угнетува нивните разлики, ја угнетува еднаквоста, ја угнетува нашата слобода. И тие граѓани се бескомпромисни во нивните барања. Тоа го зборувам затоа што и јас сум секој ден на улиците и слушам што зборуваат. И тие имаат цел од која што овој пат нема да се откажат, вели Каранфилова Пановска.
Александар Тодески