Претседателот на српската Либерално-демократска партија, Чедомир Јовановиќ, во интервју за „А1он“ вели дека има руско влијание на Балканот и дека тоа е нужност на руската политика и начинот на кој Русија функционира и гледа на светот. Според него, претседателот на Русија, Владимир Путин, ги испраќа своите дипломати во Атина да ја поткупуваат екстремната десница да го руши договорот помеѓу Македонија и Грција.
„Што му смета на Путин договорот помеѓу Скопје и Атина, па ги праќа своите диполмати да ја плаќаат најекстремната грчка десница да го руши тој договор. Во што е тука неговиот интерес, ако некој некогаш бил благонаклонет кон Путин, тоа е Ципрас. Зошто на Путин му смета мирот во Македонија, што сте направиле толку лошо. Зошто е проблем да ѝ се овозможи на Србија да се трансформира, зошто Србија не може во НАТО. На тој начин Русија смета дека трајно се стабилизира Балканот, сè си доаѓа на свое место, а ние сме топовско месо и така планираат да остане во иднина, според нив, добро би ни дошло една балканска војна, секому по малку“, вели Јовановиќ.
За договорот помеѓу Македонија и Грција за промена на името, Јовановиќ вели дека му е мило што е постигнат бидејќи тоа е решение на историско прашање што отвора нови хоризонти за Македонија.
„Вие бевте под притисок од сите страни, Српската православна црвка ви ја оспорува црквата, Грција ви го оспоруваше идентитетот, бевте во спор со Бугарија за јазикот, под притисок бевте и по тоа отворено албанско прашање што се простира во Косово и северна Грција, а сè тоа се прелеваше на Македонија. Бевте потполно изолирани во такви околности со обѕир на ветото за влез во НАТО и почнување на преговорите за членство во Европската Унија. Тоа за вас беше Чернобил, а регионот како да не беше доволно свесен, како да се адаптиравме на сите тие ужасни факти, го прифативме како тоа да е нешто неминовно. Заев донесе големи одлуки, мене ми е мило што наиде на поддршка од Македонците и Албанците и што ја доби поддршката од светот“, вели Јовановиќ по што додаде дека проблемот за името на Македонија и проблемот помеѓу Србија и Косово се двете прашања што претставуваат закана за регионалната безбедност, а со нивно решавање тоа ќе биде надминато.
За насилниот упад во Собранието, кој се случи на 27 минатата година, Јовановиќ вели дека тоа се случило со причина да биде убиен сегашниот премиер Зоран Заев, а потоа во Македонија да биде предизвикана граѓанска војна. За припадникот на БИА, Горан Живаљевиќ, кој беше виден на 27 април во Собранието, Јовановиќ вели тој е посебен вид човек, професионалец, и не бил во Собранието само од љубопитност.
„Тоа беше ноќ кога требаше да се убие Заев и да се однесе Македонија во граѓанска војна. Јас многу добро го знам Горан Живаљевиќ, тој беше заменик-директор на БИА во периодот на вонредна состојба кога јас бев потпретседател на владата и со него соработував. Тоа е посебен вид човек, тоа што можам да го кажам за него е дека станува збор за човек кој е професионалец, не е авантурист, не е егзибиционист, не бил во вашето Собрание затоа што немал што друго да прави, па наминал од љубопитност. Кога ќе видите што прави Путин во Атина за да го сруши договорот помеѓу Македонија и Грција, можете да замислите што прави во Белград, каде што руската служба за безбедност има поголем возен парк од нашата БИА“, вели Јовановиќ.
Претседателите на Србија и Косово минатата недела се сретнаа во Брисел, каде што разговараа за проблемот со Косово. Во пресрет на оваа средба како едно од можните решенија во јавноста излегоа шпекулации за евентуални промени на границите и замена на територии. Според лидерот на српската ЛДП, Косово е одамна загубено поради погрешната политика и злосторствата на Србија над албанскиот народ.
„Не може едно исто да се изгуби двапати. Ние поради погрешна политика, поради злосторствата над албанскиот народ, влеговме во војна од која излеговме со капитулација. Резолуцијата 12/44 беше само средство за амортизација и трансфер од таа воена во некоја нова состојба на која не можеше да се гради трајна иднина ниту за Косово ниту за Србија. Нашето криење зад таа резолуција е показател за нашата немоќ и неспособност да го поставиме прашањето што е тоа во внатрешноста на Србија што ја придизвика војната, и тоа првин во Хрватска, потоа во Босна и на крајот во Косово. Одговорот на тоа прашање ќе нè уништи нас. Тоа е тој национализам, тоа е таа руска орбита од која не можеме да излеземе со векови“, вели Јовановиќ.
Според него, регионалната безбедност и европската иднина на Србија, Македонија, Косово и на Албанија може да бидат загрозени доколку Белград и Приштина не добијат доволна поддршка по склучувањето на договорот.
„Не е доведена во опасност регионалната безбедност поради прашањето за Косово. Приштина и Белград не може да ја загрозат регионалната безбедност, таа е загрозена со остатокот од договорот, безбедноста може да биде жртва доколку Белград и Приштина не добијат доволна поддршка од Европа за денот по тој договор. Европа од нас бараше да се менуваме и тоа не е спорно. Но, одбивајќи Европа сама да се промени, дозволи времето да ја згази, па денеска во 2018 година на самитот во Софија, посветен на Западен Балкан, ги слушаме истите реченици што ги слушавме во Солун 2003 година. Кога тоа го кажува Хан, наидува на тишина. Нема ништо од европска Србија 2025 година ако тоа не значи европска Македонија, европско Косово, европска Босна“, вели Јовановиќ.
Виктор Јованов