Тони Јаревски од ВМРО ДПМНЕ на денешната прес-конференција го обвини Шилегов за молк поради наводна парк-депонија.
„Од Градот и Шилегов наместо одговори имаме гласен молк за нивната нова парк-депонија. Јавноста сè уште е спречена да дознае дали и кој се стекнува со противправна имотна корист од неколку милиони евра и дали таму се депонирало радиоактивен и канцероген отпад.
Сè уште не знаеме колкаво е еколошкото злодело и ризикот по здравјето на жителите на Град Скопје.
Од господинот Стефан Богоев добивме делумен, нецелосен и погрешен одговор на поставеното прашање.
Затоа денес доставуваме до Општината и градоначалникот повеќе актуелни закони и одлуки објавени во „Службен весник“, вклучително и одлуката на Град Скопје за определување на заштитни зони на бунарското подрачје усвоена минатата година токму на предлог на Шилегов.
Од нив лесно и самиот може да согледа дека бунарското подрачје Нерези и Лепенец има три заштитни зони. И како што вие сте сведоци целата нивна новосоздадена парк депонија е во втората заштитна зона.
Исто така ќе увидат дека е строго забранет ископ, отстранување на природниот материјал и особено депонирање ѓубре во дупките што ги ископаа.
Доколку градоначалникот и службите воопшто се немаат појавено на спорната локација, еве доставуваме и линкови од објавените видеоматеријали за да видат колку длабоко се ископуваат дупките со што истите и се пополнуваат.
Следниве неколку денови ќе ги искористиме за подготовки и поднесувања соодветни пријави до сите надлежни институции.
Во реакцијата на Општината Карпош беше нагласено дека често биле прифаќани предлозите и идеите на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Јас ќе додадам дека не погрешивте што тогаш ги слушавте нашите предлози, нема да згрешите ако не послушате и сега.
Веднаш застанете со проектот, стопирајте ги понатамошните градежни активности во парк-депонијата и пред да продолжите почнете итна постапка за деконтаминација и ремедијација на земјиштето на предметната локација.
Владеењето на СДСМ е завршена приказна. Со победата на изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи обновата на Македонија која опфаќа една милијарда евра инвестиции за подобра животна средина.
Жално е што дел од тие средства наместо за развој на екологијата ќе мора да бидат потрошени на отстранување на штетите и ѓубрето со кои СДСМ ја загрози животната средина и здравјето на Скопјани.
Со обновата следи слобода на институциите кои ќе бидат во можност целосно да го расчистат овој случај. Правда и одговорност мора да има и ќе има“, рече Јаревски.