По враќањето во Собранието, пратениците од опозицијата најмногу зборувале. Во 45 проценти од дискусиите на пратениците во Собранието, расправата не била суштинска, пратениците не се подготвени да прифата и се затворени за аргументите другите пратеници, ова е дел од извештајот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието, за периодот од септември до ноември 2015 година.
– Со враќањето на опозицијата во Собранието, има значителни разлики од претходниот период. Првата разлика е раст на интензитетот на дискусијата во Собранието. Ако во минатиот набљудуван период, 75 проценти од дискусиите кои ги анализиравме беа индивидуални говори на пратениците, а реплики беа само 24 проценти. Сега ситуацијата е обратна, дури 75 проценти од дискусиите се реплики, а говорите се помалку, што укажува на една интензивна размена на мислења од страна на пратениците, рече Јане Димески координатор на проектот.
Најмногу говореле опозициските пратеници, 55 проценти, поголемиот дел од репликите биле изнесени од страна на пратениците кои што се дел од владејачкото мнозинство, најмногу контрареплики изнесувале опозициските пратеници. Најмногу говореле пратениците Македонци 94 отсто, а пратениците од албанските партии се јавиле за збор во само 4 отсто дискусии. На реплики отпаѓаат 75 проценти од анализираните случаи.
– Со зголемувањето на интензитетот на дискусиите во Собранието, логично е дека се намалил степенот на аргументираност. Во овие три месеци само 7 проценти од дискусиите во Собранието се идентификувани повеќе од два аргументи изнесени од говорниците, во 9 проценти имало два аргументи, во 30 проценти од дискусиите имало еден аргумент, слабо образложение во 32 проценти од дискусиите, а во 31 процент од дискусиите немало никаков аргуемнт и некоја поширока смисла во излагањето на пратеникот, вели Димески.
Во истражувањето е констатирано дека пратениците се конфликтни и затворени за туѓите аргументи. Пратениците од опозицијата почесто директно ги адресирале аргументите кои им биле упатени од другите пратеници, а оние од власта почесто целосно ги игнорирале.
Според Димески, пратениците биле релативно коректни кога се обраќаат едни кон други, иако имало и отворено непочитување и напади врз личноста.
Од Институто се обратиле до Собранието да овозможи достапност за јавноста на записите од седниците на собраниските комисии, но без резултат.
– Се обративме до Собранието со барање седниците на собраниските седници да станат постојано достапни за јавноста, бидејќидосега не се изработувале стенограми и тие да бидат јавно достапни, ниту пак снимки. Има снимки кои се емитуваат само еднаш на денот кога се одржува седницата и повеќе никогаш тие снимки не се достапни. Со тоа е оневозможено следењето на тренд, или политика што застапувале одредние пратеници во минатото. Тоа е невозможно бидејќи јавноста нема увид во такви материјали, рече Димоски.
А. Б.